Во соопштението на Си-ен-ен не е наведена причината за смртта, но во 2018 година Тед Тарнер откри дека боледува од деменција на Луиевите тела, дегенеративна болест на нервниот систем
Основачот на Си-ен-ен, Тед Тарнер, медиумски пионер кој го револуционизира телевизиското новинарство со лансирање на првата 24-часовна новинска мрежа, почина денеска на 87-годишна возраст, соопшти „Тарнер ентерпрајзес“ (Turner Enterprises), објави Си-ен-ен.

Во соопштението на Си-ен-ен не е наведена причината за смртта, но во 2018 година Тед Тарнер откри дека боледува од деменција на Луивите тела, дегенеративна болест на нервниот систем.
Тарнер стана милијардер со преземање на бизнисот со билборди на неговиот татко. Во 1970 година ја купи телевизиската станица и ја претвори во огромна медиумска група. Тој беше една од најмоќните личности во американската медиумска и забавна индустрија, а неговите канали се специјализираа за вести, спорт и емитување филмски класици.
Како што потсетува Ројтерес, тој во своето портфолио го додаде филмското студио Ем-џи-ем/Ју-еј (MGM/UA) a потоа во 1996 година направи спојување на својот „Тарнер бродкастинг систем“ (Turner Broadcasting System) со „Тајм Ворнер“ (Time Warner).
Тед Тарнер се профилира и како еден од водечките светските екологисти и филантроп кој донира повеќе од една милијарда долари на Обединетите нации (ОН). Тој беше и еден од најголемите приватни земјопоседници во Соединетите Американски Држави.
Во 1970-тите години од минатиот век беше сопственик на бејзбол-тимот Атланта брејвс и на кошаркарскиот тим во НБА-лигата, Атланта хокс, а беше активен и во спортовите на вода освојувајќи го Купот на Америка со својата едрилица „Курејџес“ (Courageous).
Магазинот „Форбс“ го проценува неговото богатство на 2,8 милијарди долари.
„Да имав само малку понизност, ќе бев совршен“,
рече тој еднаш.
Според неговиот биограф, Тарнер во текот на својот живот се борел со депресија, а во младоста имал репутација на алкохоличар кој отворено го искажувал своето мислење.
„Немам поим што да кажам. Го кажувам она што ќе ми падне на ум“,
изјави тој еднаш за списанието „Њујоркер“.
Тарнер бил во брак и се разведувал трипати и има пет деца. Неговиот трет брак, со Џејн Фонда, траеше десет години, а заврши во 2001 година.
