Костов е добитник на многубројни награди во својата кариера во која има објавено 17 романи, 10 збирки новели и раскази и осум книги за деца и млади
Професорот и писател Владимир Костов, роден 1932 година, почина во Битола.
Тој беше почесен член на МАНУ и почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Како професор, Костов работел на Педагошката академија при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола од нејзиното основање па сè до своето пензионирање, а бил еден од основачите како и главен уредник на списанието „Развиток“.
Тој има објавено 17 романи, 10 збирки новели и раскази и осум книги за деца и млади. Застапен е во антологии на македонскиот расказ кај нас и во светот.
Во својата кариера, Костов добил повеќе награди и признанија, меѓу кои во два наврати наградата на градот Битола „4 Ноември“, и награда за животно дело, како и на републичките награди „11 Октомври“, „1 Мај“, наградата „Рациново признание“; наградата на Друштвото на писателите на Македонија „Ванчо Николески“; „Гоцева повелба“ за литературна дејност; наградите на Сојузот на здруженијата на наставниците по македонски јазик и литература и „Феникс“. За литературна дејност одликуван е и со орден „Заслуги за народ со златен венец“.