Латиновски беше на чело на општината уште од нејзиното основање во 2005 година. Функцијата ја извршуваше во три мандати. Претходно, беше професор и директор во училиштето „Арсени Јовков“
Почина Петре Латиновски, првиот градоначалник на Општина Бутел, која согласно Законот за територијална поделба стана општина од 2005 година.
Латиновски беше роден на 29 октомври 1954 година во Радишани, а на функцијата градоначалник беше во три мандати од 2005 до 2017 година. Тој беше кандидат и во 2017, но тогаш ги изгуби изборите од неговиот противкандидат од СДСМ, Велимир Смилевски.
Веста за неговата смрт ја објави актуелниот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски.
„За жал вечерва не напушти првиот градоначалник на Општина Бутел, Петре Латиновски. Петре Латиновски е првиот градоначалник на Општина Бутел кој дванаесет години во три последователни мандати ја добиваше довербата од граѓаните. Беше домаќин и работлив човек кој низ дванаесет години како градоначалник остави многу капитални проекти за Општината. Или како што милуваше да рече: ‘Јас работев под земја, на атмосферска и фекална канализација’. За време на третиот мандат на Латиновски бев советник во Општина Бутел, понекогаш имавме различни ставови но сепак научив корисни примери за работењето и ефикасното функционирање на општината. Почивај во мир“,
напиша Костовски.
Латиновски дипломиран на Природно математичкиот факултет во Скопје на отсекот географија, а неговата кариера пред градоначалничката функција ја помина во средното скопско училиште „Арсени Јовков“ како професор од 1978 до 1999 година, а од 1999 до 2003 беше директор на училиштето.