Долгогодишниот новинар и дописник од Кичевскиот регион, Рефик Зенку, почина од компликации на ковид-19.
Зенку беше дописник за МИА од Кичево во изминатите девет години. За настаните во Кичево и околината известуваше до последен момент, додека не беше дијагностициран од коронавирусот.
Зенку, три недели се бореше со коронавирусот и се лекуваше во болницата „8 Септември“. Вчера состојбата му се влошила, а лекарите не успеале да го спасат.
Рефик Зенку беше новинар со долгогодишен стаж со речиси три децении во новинарството. Неговиот последен новинарски ангажман беше во локалната телевизија ТВ Гура и како дописник на МИА од Кичевскиот регион. Покрај редовните, новинарски задачи како известувач, беше познат и како новинар кој известуваше и извонредно го познаваше локалниот спорт. Роден е на 18 мај 1965 година во Кичево.