Таа продолжи да ги следи стапките на својот татко и започна музичка кариера. Издаде три албуми, а нејзиниот деби-албум во 2003 година беше продаден во стотици илјади примероци
Лиза Мари Присли, единственото дете на кралот на рокенролот Елвис Присли, почина на 54-годишна возраст, соопшти нејзината мајка.
„Со тешко срце морам да споделам катастрофалната вест дека моја прекрасна ќерка Лиза Мари нè напушти“,
објави Присла Присли.
Лиза Присли, која исто така беше пејачка, во четвртокот итно била пренесена во болница бидејќи, како што пишуваат американските медиуми, доживеала срцев удар. Претходно била пронајдена во бесознание во својот дом во Калабасас, Калифорнија.
Во изјавата до јавноста нејзината мајка, пак, не даде информации за причината за смртта.
Лиза Мари беше родена во 1968 година. Таа продолжи да ги следи стапките на својот татко и започна музичка кариера. Издаде три албуми, а нејзиниот деби-албум во 2003 година беше продаден во стотици илјади примероци и доби генерално позитивни критики.
Таа беше позната во јавноста и по серијата бракови што ги имаше со познати личности, како легендарниот музичар Мајкл Џексон, актерот Николас Кејџ и музичарите Дени Киу и Мајкл Локвуд.
Лиза Мари имаше четири деца, меѓу кои е и познатата актерка Рајли Киу. Нејзиниот син Бенџамин Киу, пак, се самоуби во 2020 година.
Последен пат во јавноста беше видена во вторникот вечерта на доделувањето на „Златните глобуси“ во Беверли Хилс, каде што присуствуваше заедно со мајка си.