Со активен бокс почна да се занимава во 50-тите години од минатиот век, а зад себе остави и успешна боксерска кариера, беше иницијатор и основач на манифестацијата „Златен ринг“, а се закити и со признанието за еден од десетте најуспешни тренери во историјата на македонскиот спорт
На 84-годишна возраст денеска почина легендата на македонскиот бокс, Живко Дуковски, објави Националната боксерска федерација.
Дуковски својата кариера ја започна во 50-тите години на минатиот век, а најголемиот успех како активен спортист го постигна кога на поединечното првенство во поранешна Југославија во 1957 година го освои второто место.
„Дуковски целиот свој живот го посвети на боксот и даде голем придонес за афирмацијата на благородната вештина.Тој беше неуморен,уште како млад го засака овој спорт на храбрите и уште во 50-сеттите години од минатиот век зачекори на рингот“,
велат од Националната боксерка федерација.
Откако стави крај на активната боксерка кариера, Дуковски почна успешна тренерска кариера профилирајќи голем број познати и успешно боксерски имиња од калибарот на Салиху, Самоиловски, Калач, Реџепагиќ, Смилевски, Голубиќ, Ристевски, Мемеди, Ѓошевски, Јакупи, Василев и уште десетина други, кои го прославија македонскиот бокс.
Доајенот на македонскиот бокс, беше иницијатор и основач на традиционалната боксерска манифестација „Златен гонг“, која својата премиера ја имаше во 1968 година. Преку оваа манифестацијата низ годините продефилираа многу звучни имиња на македонскиот бокс, вклучувајќи го двократниот освојувач на бронзениот медал на европските првенства Вели Мумин.
Тој се закити со признанието за еден од десетте најуспешни тренери во историјата на македонскиот спорт, беше член на Македонскиот олимписки комитет, како и член на Техничката комисија на ЕАБА.