На 60-годишна возраст почина фудбалската легенда Диего Марадона, јавува Би-би-си.
Како што јавуваат повеќето западни медиуми, причината за смртта, најверојатно, е срцев удар.
Познато е дека тој месецов имаше успешна операција на тромб на мозокот, по што требаше да го продолжи лекувањето од зависноста од алкохол.
Еден од најдобрите фудбалски играчи на сите времиња, Марадона, беше капитен кога Аргентина го освои Светското фудбалско првенство во 1986 година.
Марадона заедно со Пеле во 2000 година од ФИФА беа прогласени за најдобри фудбалери на 20. век.
Британскиот магазин „Тајмс“ во 2010 година го прогласи Марадона за најдобар фудбалер во историјата на Светските фудбалски првенства. Го доби и второто место меѓу најдобрите играчи во историјата на фудбалот според списанието „Плакар“ (Бразил) од 1999 година.
Тој е првиот носител на почесна „Златна топка“ на „Франс Фудбал“.
За време на неговата 21-годишна кариера како фудбалер, тој играше во шест екипи, вклучувајќи ги Бока Јуниорс (двапати), Барселона и Наполи.
За клубовите одигра на 491 натпревар и постигна 210 гола.
Учествуваше на четири светски шампионати од 1982 до 1994 година, стана шампион во 1986 година и вицешампион во 1990 година. Одигра 91 натпревар за Аргентина, постигнувајќи 34 гола.
Во 1986 година ја освои „Златната топка“ за најдобар фудбалер на Светското првенство. На четвртфиналниот натпревар против Англија постигна два гола, кои влегуваат во историјата на фудбалот. Првиот, постигнат со рака, стана познат како „рака на Бога“. Вториот, по спектакуларниот дриблинг што започна од централната линија на теренот, помина крај четворица англиски играчи, се нарекува „гол на векот“.
Во 1991 година тој беше суспендиран на 15 натпревари откако беше осуден за допинг. Во 1994 година, за време на Светското првенство во САД, тој повторно беше позитивен на допинг тест – овој пат на ефедрин, што беше крај на неговата кариера за националниот тим.
Диего Армандо Марадона е роден на 30 октомври 1960 година во Ланус, близу Буенос Аирес, како петто од осумте деца во семејството на Диего Марадона и Далма Салвадоре Франко.