ЕУ мора да преземе поголема одговорност, особено во нејзиното непосредно соседство. Затоа, ајде да се заложиме за конкретен напредок во европската интеграција на Западниот Балкан и за почеток на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, врз основа на од критериумите во Копенхаген, пишува во предизборната програма на германските Зелени
Според последните анкети, Зелените ја престигнаа ЦДУ и во моментов се прва политичка сила во Германија
Најновото истражување на агенцијата „Форса“, кое првпат ги става германските Зелени во улога на фаворит за победа на федералните избори, ја отвора дилемата – каква рефлексија врз С Македонија би имал таквиот расплет на политичката ситуација во една од највлијателните земји членка на ЕУ.
Впечаток е дека, и покрај поддршката што нашата држава ја добива од актуелната канцеларка и од нејзиниот кабинет, Зелените гледаат уште поблагонаклоно не само кон С Македонија туку и воопшто кон процесот на интеграција на целиот европски континент.
Многубројни се примерите кога тие безусловно застанувале на страната на проширувањето и поддршката кон С Македонија, дури и кога владата во Берлин била воздржана, колеблива и подлегнувала на „компромиси“ што ги барале нејзините партнери во европското друштво.
ПОСТОЈАНО СО ПОДДРШКА ЗА С МАКЕДОНИЈА
Забележителни се нивните настапи во Бундестагот во јуни 2019 г., кога без да биде истакната релевантна причина, беше донесена одлуката почетокот на преговори со С Македонија да биде одложен за септември, но без за тоа да се изјасни Бундестагот. Тие ја обвинија дека германската влада дека нуди беспредметно оправдување со наводно краткиот рок меѓу објавувањето на извештајот на ЕК и пленарното заседание на Бундестагот, како пречка за прашањето за С Македонија да се стави на дневен ред. Како аргумент во полемиката со колегите од партијата на Меркел, пратениците од редовите на Зелените ги нагласија позитивната препорака од Европската комисија и особено, големата храброст што ја презеде државата со изгласувањето на уставните измени произлезени од Договорот од Преспа.
„Зошто ова прашање не се става пред Бундестагот? Дали граѓаните на Северна Македонија треба да се третираат како Европејци од втор ред? Желбата на граѓаните на Северна Македонија не беше само да влезат во НАТО, желбата беше да станат и дел од заедничка Европа. Затоа, и на референдумот беше содржано и прашањето за перспективата за членство во Европската Унија“,
рече Јирген Тритин, пратеник во Бундестагот од партијата на Зелените.
Подоцна, во интервју за „360 степени“, Тритин нагласи дека жали што неговата партија не може да го протурка „македонското“ прашање во Бундестагот.
„Немаме мнозинство. Мнозинството за оваа процедура е исто како она за поддршка на владата. Ако демохристијаните и социјалдемократите не го иницираат ова прашање пред парламентот, ние ќе немаме шанса за него да дебатираме. Не е дека немаме време, туку нашето време ни го украде владата. Ќе беше многу лесно да се праша германскиот Бундестаг по објавувањето на извештајот на ЕК, зашто Бундестагот е во можност да решава за такви прашања во период од неколку недели. Извештајот не беше објавен вчера, тој беше објавен пред неколку недели и тој содржи препорака. Но, ова прашање не се покрена пред германскиот парламент. Владата дури и го блокираше парламентот за да почне расправа. Тоа значи дека владата е одговорна зошто парламентот излезе смешен“,
изјави Тритин во интервјуто за „360 степени“.
Во септември, иако Бундестагот ѝ даде безусловна поддршка на С Македонија, а Зелените целосно застанаа зад предлогот за почеток на преговори, нивните пратеници повторно упатија критика кон Меркел и побараа Германија да ги третира фер и С Македонија и Албанија, бидејќи германската неодлучност, според нив, ѝ наштетува на перспективата на регионот.
Пречка за почеток на преговорите есента 2019 г. беше француското вето, односно барањето на Макрон за нова методологија врз основа на која ќе се одредуваат и напредуваат кандидатите за членство во ЕУ. Таквата одлука беше цел на жестоки обвинувања од Зелените и беше оценета како крајно неодговорен чин, недостоен за европскиот соживот.
„С Македонија и Албанија постигнаа важен напредок во реформите. За возврат, ЕУ им вети дека ќе ги започнат преговори за пристапување во ЕУ. Претседателот Макрон го прекрши ова ветување и не само што го ризикуваше кредибилитетот на ЕУ туку и мирот и стабилноста во регионот“,
гласеше официјалниот став на партијата на Зелените.

ЗАДОВОЛСТВО, ПА ГНЕВ КОН БУГАРИЈА
По усвојувањето на француските барања, Макрон на почетокот на 2020 година најави дека ќе ја спушти рампата, што предизвика олеснување и во редовите на оваа политичка групација. Нивниот европратеник и координатор во Комитетот за надворешна политика, Рајнхард Бутикофер, исклучително задоволен од усвоените заклучоци од мартовското заседание на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, напиша:
„Галилео би рекол: Eppur si muove, сепак се врти. ЕУ конечно се придвижи кон отворање на долго одложуваните пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Нема дилеми дека и двете земји веќе подолго време ги исполнуваат условите.“
Неочекуваниот пресврт го предизвика Бугарија, која се испречи и стави вето на одржувањето на првата меѓувладина конференција со која требаше да се означи старт на преговарачкиот процес со С Македонија. Пратениците од редовите на Зелените во Бундестагот жестоко се спротивставија на ваквата одлука на официјална Софија. Мануел Сарацин, кој е одговорен за политиката на Зелените кон земјите од регионот и Источна Европа, побара бугарската влада да се откаже од својата неодговорна политика и да го расчисти патот за пристапни преговори со Северна Македонија.

„Иднината на земјата не смее уште еднаш да стане играчка за домашните политички потреби на една единствена земја членка на ЕУ. Македонската влада одамна ги исполни сите барања, а заедничката историја, за волја на вистината, не е едно од нив. Билатералните разлики треба да се решаваат билатерално. Бугарската влада со ветото уште еднаш ќе го загрози кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. На менито треба да биде европската соработка, а не националната политика на уцени“,
изјави германскиот пратеник Сарацин.
СТАВОТ ОСТАНУВА НЕПРОМЕНЕТ, МОЖНОСТ ЗА ПОСИЛНО ПАРТНЕРСТВО СО ГЕРМАНИЈА
Конзистентноста во ставовите на Зелените, без оглед на статусот што ќе го имаат во постизборната констелација во Германија, буди надеж дека стратегиското партнерство меѓу двете земји може да биде продлабочено дополнително, ако се има предвид дека во својата политичка платформа со која настапуваат во кампањата за септемвриските федерални избори, тие цврсто се залагаат за истите принципи кои во континуитет ги бранат.

„ЕУ мора да преземе поголема одговорност, особено во нејзиното непосредно соседство. Политиката за проширување на ЕУ е успешна приказна што сакаме да ја продолжиме. Затоа, ајде да се залагаме за конкретен напредок во европската интеграција на Западен Балкан и за почеток на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, врз основа на од критериумите во Копенхаген“,
пишува во програмата на Зелените.
НЕИЗВЕСНА ТРКА ЗА НАСЛЕДНИК НА МЕРКЕЛ
Зелените, поради растечките рејтинзи, првпат се решија да се вклучат во битката за канцелар и ја номинираа Аналена Баербок. Таа е втора жена по Ангела Меркел која конкурира за највисоката позиција во германската влада. Социјалдемократите за свој кандидат за канцелар го истакнаа актуелниот министер за финансии и вицеканцелар Олаф Шолц, а двопартиската коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) го избра лидерот на христијанските демократи Армин Лашет.

Анкетата што ја објави телевизија РТЛ покажува драматичен раст на популарноста на Зелените. Според аналитичарите, партијата на Меркел е разединета по нејзиното заминувања од лидерската позиција, а нивниот кандидат ја нема ниту поддршката од базата.
Меркел е германски канцелар од 2005 година. Пред две и пол години објави дека нема да се кандидира за петти мандат на чело на владата. Федералните парламентарни избори во Германија ќе се одржат на 26 септември.