Зошто германската влада ја одлага одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија за ЕУ кога Бундестагот уште во мај бил известен дека романското претседателство има намера на 18 јуни да го стави ова прашање на дневен ред на Советот за општи работи (на ЕУ)?
Ова беше прашањето на кое инсистираше пратеникот од партијата на зелените, Јирген Тритин, во полемиката со колегите од владејачката ЦДУ-ЦСУ (на канцеларката Ангела Меркел) на вчерашното заседание на Бундестагот.
Еве како течеше дебатата:
Јирген Тритин, Сојуз 90-Зелени
„Затоа на колегите и особено од ЦДУ-ЦСУ ќе им кажам да погледнат уште еднаш што, всушност, беше во фокусот на гласањето во парламентот (во С. Македонија) и на консултативниот референдум. Желбата на граѓаните на Северна Македонија не беше само да влезат во НАТО, желбата беше да станат и дел од заедничка Европа. Затоа, беше содржано и прашањето за перспективата за членство во Европската унија. Потоа, има Извештај за земјите од Европската комисија, има и соодветна препорака, па во јуни треба да има и состанок на Советот за општи работи на ЕУ, каде би можело да се одлучи за ова прашање. И кој нема да даде согласност на таа седница на Советот? Сојузната (германска) влада.
А, знаете ли зошто нема? Министерството за надворешни работи сакаше, но кабинетот на канцеларката забрани испраќање на соодветниот предлог заради тоа што и за ова прашање големата коалиција е комплетно поделена и не може да се договори. И затоа Ви велам дека не го газите само Законот за соработка меѓу германската влада и Бундестагот за ЕУ-прашања, кој на времето заеднички го изгласавме. Прашањето можевте да го поднесете за разгледување до Бундестагот: дали напредокот е до тој степн што може да се отпочне со претпристапни преговори – да или не.
Но не, наместо тоа, го попречувате Бундестагот да одлучува за тоа прашање и ја блокирате и сојузната влада. И имам многу страшен сомнеж дека во однос на Алексис Ципрас имате исти намери како и колегата Александар Ној. Тој својата политичка судбина ја врза со договорот и веројатно поради тоа ќе ги изгуби изборите и јас се сомневам дека – знам дека многу надворешни политичари и европски политичари тоа го гледаат поинаку, но и кај домашните политичари некогаш има различни мислења, како што видовме во други прилики – се сомневам дека кабинетот на канцеларката и мнозинството од ЦДУ-ЦСУ играат на картата ова толку долго да го одолговлекуваат, се додека дотичната Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да може на долг рок да го попречат патот на Северна Македонија кон ЕУ и по тоа прашање, ви велам, дека не смее така да биде.
Тоа би значело дека НАТО не е сојуз на вредности, покрај воениот аспект, туку дека е нешто како сурогат за Европјани од втор ред: во војската може да учествувате, ама во заедничка еколошка и политичка Европа ќе си останете граѓани од втор ред и тоа е спротивно на стабилизација, тоа би било дестабилизација, особено ако се залагате за членство во НАТО не смее да се однесувате вака како што се однесувавте вие.“
Кристијан Шмид, ЦДУ/ЦСУ
„Јасна позиција е и очекување дека сите оние кои во тие земји имаат одговорност – ако во иднина во Грција нештата бидат поинакви – дека ние очекувањето на сите нивоа кои ни се на располагање ќе го насочиме кон тоа дека фактите што се создадени со договорот за членство на Северна Македонија во НАТО на никаков начин веќе нема да бидат чепнати, тоа се политички и правни факти.
Трето, со сета мудрост мораме да решаваме за де факто постоечкото натамошно прашање за Северна Македонија, која навистина предолго седеше во чекалната на политичката историја на соседството. Патем, станува збор за земја која кога се споменуваше Косово добив впечаток дека не сите што денеска зборуваа навистина се запознаени со контекстот и дека Македонија во многу тешки времиња беше упориште за мирниот развој. Го поканувам колегата Колбо тука да се обрати за различните фракции да може да дознаат што Македонците во најтешки околности тогаш направија за нас и за регионот.
За членството во Европската унија – да, колега Тритин, тука повторно делиме исто мислење, имено дека безбедноста не се дефинира само преку НАТО туку и преку европскиот концепт и особено во наш личен интерес со европското сфаќање дека мора да бидат вклучени и земјите од Западен Балкан. Не може да почнете и да викате едниот ми се допаѓа, а другиот не, туку морам да се обидам да кажам – морате на тие и тие места да се подобрите. Да, имаме две земји Северна Македонија и Албанија, кои минатата недела од Европската комисија добија извештај за состојбата исто како и другите земји.
Има добра основа за да разговараме со двете земји и да одлучиме за претпристапните преговори во догледно време. Министерството за надворешни работи кое веќе еднаш беше прозвано, колегата Рот седи онаму, но само се преправа дека работи зашто ова е тема која многу го интересира, а инаку навистина многу работи и јас знам дека темата за членство на Северна Македонија и Албанија особено кај европски министер е многу важна точка. “
Јирген Тритин, Сојуз 90-Зелени
„Драг колега Шмид, кога веќе толку ја фалите работата на колегата Рот, тој на 8 мај ни пиша на сите нас – и ова не е теорија на заговор туку службена белешка на Бундестагот – дека кога се влегувало во отпочнување на преговори најпрво мора да решава Бундестагот за тоа прашање. И единственото прашање што го имам е, ако е така дека на јунската седница на Советот на ЕУ, по иницијатива на романското претседателство, ова прашање ќе се најде на дневен ред, која е причината за сојузната влада и нејзините носечки пратенички групи тоа прашање претходно да не го поднесат во Бундестагот? Тоа би било точка за која ние во единство по прашањето дали треба или не треба да се случи, можевме да размениме мислења и да донесеме заклучок и сојузната влада на седницата на Советот на ЕУ ќе можеше да седне со поддршка од Бундестагот и ќе требаше да ја застапува таа позиција, а вака сега господин Рот кога ќе оди таму, ќе мора пак да симулира дека има став.“
Кристијан Шмид, ЦДУ/ЦСУ
„Драг колега Тритин, прво, секако го отфрлам симулирањето, колегата Рот никогаш не симулира, туку ја застапува позицијата на сојузната влада и таа ќе има во предвид дека две нешта мора да развиваме со сета мудрост и смиреност. Со сета мудрост значи дека двете земји кои се предмет на дискусија за отпочнување на преговори, барем според мое мислење, треба по можност заедно да се внесат во тие преговори. Второ, по јуни доаѓа септември, а ние треба да увидиме и дека сме само една од 28 земји-членки на Европската унија и дискусиите, како што се водат овде кај нас, многу конкретно и поврзано со темата, со отежнувањето да се разговараат некои прашања особено во Албанија, дека не се одвиваат во сите земји со ист исход. Затоа си даваме време, со оглед на тоа дека едвај една недела помина откако беше претставен извештајот на Комисијата за уште еднаш да го прочитаме и студираме и потоа навистина брзо да дискутираме за прашањата и да одлучиме, земајќи го во предвид и почитувајќи го Законот кој го имаме донесено заедно – дека германскиот Бундестаг ќе решава за тоа.
Тоа е паметно ориентирање на временските и содржинските неопходности ако сакаме такво нешто да направиме успешно и надежно за постигнување на целта. Се радувам што Северна Македонија сега ќе влезе во НАТО и се радувам што наскоро ќе водиме добри разговори за одлуката за отпочнување на преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и Албанија. Ви благодарам.“