Митрополитот крушевско-демирхисарски не сака јавно да каже кој ја условил неговата интронизација со неприсуство на епископот Партениј на чинот во црквата „Свети Никола“ во Крушево, но додава: „Треба да се реши тоа прашање, затоа што мене ми викаа расколникот, а сега да оставиме ли во самата Македонска православна црква да има раскол“
Примитивна е поделба на „патриоти“ и „предавници“, да не дозволиме раскол во МПЦ – порачува ново-стариот владика г. Јован во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето – кој побарал епископот Партениј од Бигорскиот манастир да не присуствува на неговата интронизација во митрополит крушевско-демирхисарски која се случи на 3 септември оваа година во црквата „Свети Никола“ во Крушево.
На веб-страницата на Бигорскиот манастир е објавено соопштение во кое се наведува дека иако оттаму потврдно одговориле на поканата за присуство на интронизацијата во Крушево, од необјаснети причини епископот Партениј бил спречен да оди, бидејќи целиот чин на устоличување, како што се наведува, бил условен со негово неприсуство. „Се прашуваме која е потребата да се поттикнува раздор и да се создаваат спротивставени табори на самоповикани ’патриоти’ и измислени ’предавници’, кога сите ние сме дел на едното Телото Господово“, пишува во објавата од Бигорскиот манастир.
„Благодарам за разбирањето на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот антаниски, што разбра дека иако уредно поканет, уредно одговори дека ќе дојде на интронизацијата, морав да му откажам во последен момент. Меѓутоа, ако тој е културен и така убаво успеал да го напише ова и да не го соопшти името, да не го соопштам ниту јас“,
вели владиката Јован.
Со новинарската констатација дека станува збор за владиката Петар, следуваше прашањето – дали во делот од соопштението на Бигорскиот манастир каде се вели: „Според кои канони и според која традиција се оправдуваат и не се подведуваат на опомена, па и санкција, ваквите дејанија“, всушност, се испраќа апел до поглавараот на МПЦ ОА, г.г. Стефан, г. Јован одговара:
„И јас така го разбирам и, секако, треба да се реши тоа прашање, затоа што мене ми викаа расколникот, а сега да оставиме ли во самата Македонска православна црква да има раскол?!
360°: Ова некој ќе каже дека е де факто раскол. Ако владиката Петар, вие не го кажувате, ниту епископот Партениј го наведува – не дозволува еден епископ на црквата во која тој е митрополит, да присуствува на ваков голем чин, тогаш очигледно има големи разлики. Вие сте меѓу ’патриотите’ или ’предавниците’?
г. Јован: Не можам да се препознаам ниту сакам да влезам во нечие клише. Тоа е многу примитивно клише. Некој што живее во оваа земја или овој град, тој нормално ќе ги сака привилегиите на тој град или таа држава.“
Во однос на разликите во Синодот на МПЦ, владиката Јован вели дека се уште не присуствувал во проширен состав. Очекува тоа да се случи по 5 ноември за кога е закажана интронизација на владиката Дељадровско-илинденски г. Јоаким.