„Замислете, ако вие после трагедија што цел живот ќе ја носиме, трагедија за која ни треба толеранција и единство за да се справиме, сега продолжите со барањето за оставка на јавниот обвинител. Тогаш само ќе се комплицираат работите. Сега треба да се остави органот да работи. Колку што гледа постапува“, рече Сиљановска-Давкова
Во моментов најважно е да се остави Обвинителството да работи и да се справи со трагедијата која ги засега сите граѓани. Ова го рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова коментирајќи ја смената на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

За прашањето за кое рече дека честопати го слуша, зошто до вчера се барала смена на Коцевски, а сега не, претседателката смета дека тоа е политички одговорно.
„Замислете, ако вие после трагедија што цел живот ќе ја носиме, трагедија за која ни треба толеранција и единство за да се справиме, сега продолжите со барањето за оставка на јавниот обвинител. Тогаш само ќе се комплицираат работите. Сега треба да се остави органот да работи. Колку што гледам, постапува“,
рече таа.
Посочи дека и таа имала забелешки за работата на Коцевски и не се откажува од нив, но смета дека во моментов е најважно да се остави Обвинителството да работи и да се справи со трагедијата.
„Во моментов најважно е секој да си ја врши својата функција и надлежност. Зошто? За да можеме да се справиме со проблемот што не засега сите. Трагедијата не засега сите. Затоа, дури и во процесирањето на одговорните треба многу да внимаваме“,
вели Сиљановска-Давкова.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски минатата недела изјави дека истрагата за трагичниот пожар во Кочани, во кој загинаа 62 лица, ќе заврши во законски предвидениот рок од 90 дена, односно до 16 или 17 јуни.
По трагедијата во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски најави запирање на постапката за разрешување на Коцевски, со оглед на обемната истрага што се води во врска со случајот.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
Истрага се води против 68 физички и три правни лица.