Владејачките пратеници ја напуштија седницата на собраниската Комисија за надворешни работи, ама присуствуваа на обраќањето на шефот на дипломатијата, кој порача дека „нашата стратегија е да не се изгуби драгоцено време и подготвени сме на искрени разговори, со добра волја за постигнување взаемно прифатливо решение со соседот, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси“
Македонското Собрание да донесе резолуција со која ќе ја отфрли Декларацијата на бугарскиот парламент, како спротивна на Договорот за добрососедство; Со резолуцијата да се донесе и став за итно и безусловно почнување на преговорите со ЕУ,, врз основа на преговарачка рамка што нема да биде обременета со билатерални прашања; Со резолуцијата да се утврди и став според кој прашањата за исторографијата, образованието и културата се дефинираат како суверени права на секоја држава.
Вака гласат предлог-заклучоците, што ги поднесоа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во собраниската Комисија за надворешни работи, каде што, по покана на претседателот на ова тело – Антонио Милошоски, денеска се обрати шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој реферираше пред пратениците за преговорите со Бугарија пред самитот на ЕУ овој месец.
Меѓутоа, од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека заклучоците не биле ставени на гласање, затоа што пратениците на СДСМ ја напуштија салата, со што оневозможија кворум за одлучување, слично како што постапуваше опозицијата во изминатите месеци на повеќе пленарни седници.

Османи, пак, останал до самиот крај на комисиската седница, на која дојде откако ја прифати поканата од Милошоски, од кога побара да го деблокира испраќањето на акредитираните амбасадори на земјава во неколку мисии, кои треба уште да ги одбранат своите платформи пред Комисијата за надворешни работи.
Подготвени сме на искрени разговори со добра волја за постигнување на взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси, изјави Османи пред пратениците.
Тој посочи дека процесот е сложен и дека немањето политичка влада во Бугарија е сериозна пречка, поради што не сакаат да ги подигаат очекувањата на граѓаните. Исто така, наброи пет точки што ги посочи како клучни во процесот:
„Прво – идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка посебност…не се и не може да бидат на масата на преговори. Второ – сметаме дека предлогот на португалското претседателство претставува добра основа за преговори. Трето – настојуваме да се одржи втората меѓувладина седница меѓу двете држави од која треба да излезе соодветен протокол, а од него и акциски план, кој треба да премине во патоказ. Четврто – комуникацијата се остварува на различни нивоа, со цел да се засили целокупниот билатерален дијалог. Петто – целта е заедничка, одржување на првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ“,
нагласи Османи, зборувајќи на македонски јазик и посочувајќи дека тоа го прави поради загриженоста на македонските граѓани..
И да не се усвои преговарачката рамка во јуни, како што посочи Османи, веќе е создаден доволно јасен терен со сензибилизација на нашите стратешки партнери и сите земји членки во ЕУ и напорите ќе продолжат веднаш по бугарските избори, во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ.
„Нашата стратегија е да не дозволиме да се изгуби драгоцено време и подготвени сме на искрени разговори со добра волја за постигнување взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси. Без разлика на предизвиците, ние продолжува со нашите напори на сите нивоа“,
истакна Османи.
Нагласи дека нашата дипломатија во последниот шестмесечен период не се штедела за да дојде до сите потребни точки од кои ќе зависи почетокот на преговорите и оти е добиена несебична и јасна поддршка во јуни Европскиот совет конечно да ја официјализира одлуката за почеток на преговори, со одржување на првата меѓувладина конференција.
„Од септември 2020 година до денеска, забележително е зголемување на динамиката на односите и соработката. Чинот на заедничкото одбележување на празникот 24 Мај го гледам како давање простор преку заедничко честување на историските личности чија мисија била обединувачка да ѝ дадеме простор на историјата да ни обезбеди заедничка иднина. Во таа насока беше и заедничкото честување на празникот на амбасадите на двете земји во Белград, Варшава, Прага и Киев. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски прашања оствари пет официјални средби во овој период. Иако не вродија со конкретни препораки, позитивно е што има отворена и директна комуникација. Договорено е до крајот на годината да се одржат уште две средби. Работата на комисијата е стручна и треба да остане колку што е можно понезависна и надвор од политичките влијанија. Само така, Комисијата може да работи ефективно и плодно. Комисијата веќе го усогласи годишниот извештај за својата работа, што очекуваме наскоро да биде потпишан“,
рече шефот на дипломатијата.
Во последните девет месеци, како што оцени, се засилени соработката и политичкиот дијалог меѓу двете земји, потсетувајќи дека Владата го назначи Владо Бучковски за специјален претставник во Софија, како и дека е постигнат договор за соработка меѓу националните телевизии и размена на дописници меѓу националните агенции.