Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку својот фејсбук профил вечерва упати јавна порака до претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика заеднички да го утврдат првиот слободен термин на кој ќе реферира пред пратениците. Објавата на Османи доаѓа по денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред МНР, кои четири дена со блокади и собири бараат власта да одговори што точно разговара со Бугарија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска повика премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Собранието да објаснат што дополнително се разговара во врска со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Прв му одговори Османи, кој порачува дека нема потреба од протести.
„Еве и јавна порака до претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Северна Македонија: да го утврдиме заеднички првиот слободен термин на кој ќе реферирам за сите актуелности од доменот на надворешната политика пред пратениците; воедно, паралелно да договориме и термин на Комисијата, на кој избраните амбасадори ќе ги презентираат тезите, со што ќе го ослободиме и процесот за нивно упатување во испразнетите амбасади. Нема потреба од протести, јас отсекогаш сум бил подготвен и да ги претставам состојбите пред опозицијата, и да реферирам во Парламентот пред пратениците“,
напиша Османи.