Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Собранието да објаснат што дополнително се разговара во врска со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
„Ги повикуваме Заев, Димитров и Османи да се појават пред Собранието како дом каде што се наоѓаат народните избраници и таму на граѓаните преку пратениците и на јавноста да и објаснат за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија и зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ. Гледаме дека тоа не е вистина и сметаме дека таа вистина Заев, Димитров и Бујар Османи им ја должат на граѓаните, на Собранието и на јавноста“,
вели Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот – четврти по ред ден на протести и блокади, одржа собир пред Министерството за надворешни работи.
Опозицијата протестира против, како што велат, продажбата на националните и државните интереси од страна на власта и бараат поголема транспарентност во преговорите со Бугарија.
Владејачкиот СДСМ смета дека малата излезност на протестите е фијаско на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Министерот за здравство и потпретседател на СДСМ, Венко Филипче, вчера во гостување на емисијата „Само Вистина“ на Канал 5, рече дека нема тајни разговори со Бугарија, нема никакви скриени сценаријa и нема преговори за јазикот и идентитетот. Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ била поканета во Министерството за надворешни работи што, според него, е уште еден доказ дека нема ништо тајно.