Според Филипче, малата излезност на протестите е фијаско на политиката на ВМРО-ДПМНЕ
Нема тајни разговори со Бугарија, нема никакви скриени сценарија, нема преговори за јазикот и идентитетот, вели министерот за здравство и потпретседател на СДСМ Венко Филипче.
Во вечерашното издание на емисијата „Само вистина“ на Канал 5, тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ била поканета во Министерството за надворешни работи што, според него, е уште еден доказ дека нема ништо тајно.
„Се е отворено и транспарентно. Ниту еден акт, ниту еден документ, ниту едно преговарање не е скриено и тоа е одлука на оваа Влада. Се е јавно и транспарентно. За Преспанскиот договор имаше референдум. Што се скри тогаш. ВМРО-ДПМНЕ треба да даде поддршка за процесите кои значат заокружување на тој долг пат кон евроинтеграциите, што го помина земјата во интерес на граѓаните“,
рече Филипче.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена во Скопје и во поголемите градови низ државата одржува протести против, како што велат, продажбата на националните и државните интереси од страна на власта и бараат поголема транспарентност во преговорите со Бугарија.
Според Филипче, малата излезност на протестите е фијаско на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.