Поранешниот член на „огнените“, а сега лидер на новоформираната партија – Демократско движење, Изет Меџити, вчера упати јавно прашање до Османи „дали беше службена или приватна посетата во Будимпешта кога се сретна со Груевски“. На ова Османи, исто така, преку социјалната мрежа, одговори: „Еднаш рекоа дека се сретнал со Али Ахмети, па рекоа – не, се сретнал со Артан Груби, сега јас сум се сретнал со него! Можеби од четврти пат ќе погодат!“
Шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, демантира дека се сретнал со експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, сега бегалец во Будимпешта.
Демантот министерот за надворешни го испрати преку својот личен фејсбук-профил откако за наводна средба со Груевски вчера јавно беше прашан од лидерот на новоформираната партија во албанскиот опозициски блок – Демократско движење, Изет Меџити.
Поранешниот член на „огнените“, а сега лидер на Демократско движење вчера во објава на социјалната мрежа напиша:
„Јавно прашање за Бујар Османи: дали беше на службена или приватна посета во Будимпешта кога се сретна со Никола Груевски?“
Неколку часа подоцна со демант се јави министерот за надворешни работи.
„Еднаш рекоа дека се сретнал со Али Ахмети, па рекоа – не, се сретнал со Артан Груби, сега јас сум се сретнал со него! Можеби од четврти пат ќе погодат!“,
напиша Османи на Фејсбук.
Меџити пред десет дена, исто така преку Фејсбук, јавно праша дали е точно дека на експремиерот Груевски ќе му биде вратен пасошот.
Демократското движење на Меџити е дел од т.н. албански опозициски блок, во кој се и партиите Беса и Алтернатива, кои тврдат дека измените на Кривичниот законик кои Собранието неодамна ги донесе се направени со цел да се спаси Груевски и да се врати во Скопје „без трн во ногата“.
Наводите дека имал тајни средби со Груевски во врска со измените на Кривичниот законик, кои изминатиот период ја брануваат јавноста, вчера во изјава за ТВ 24 демантираше и поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев.
Изјавата на Заев следуваше, откако претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за ТВ 21 кажа дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.
„Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина“,
вели Заев во изјавата за ТВ 24.
Тврдењата за наводни средби ги демантираше и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во повеќе постови на социјалната мрежа, од кои последниот беше вчера.
Тој вели дека за измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба, немало никакви тајни средби на кои тој учествувал.
Експремиерот додаде дека сите наводи за негови наводни комуникации и средби или, пак, влијанија на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и, како што вели, наводите дека во изминатиот период имал средби со претставници на власта во врска со одредени прашања.
„За средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало ‘пред 3-4 години’, како што наведе Али Ахмети во неговото интервју, не можам да се произнесам бидејќи во тој период јас не сум во Македонија, по моето заминување од Македонија новото раководство целосно ме екскомуницираше и немам никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки, освен од медиумите“,
пишува Груевски на Фејсбук.