Афроамериканецот Џорџ Флојд денеска ќе биде погребан во Хјустон, Тексас, откако пред точно две недели беше убиен во Минеаполис, Минесота. Неговото убиство ги крена САД, но и светот на протести, кои ги одбележаа и насилство и вандализам, а во меѓувреме, пак, градските власти одлучија да се расформира локалната полиција во Минеаполис.
Мнозинството советници одлучиле заедно со локалното население да се формира нов модел на јавна безбедност.
„Ние сме за распуштање на полициската служба каква што ја знаеме во градот Минеаполис“,
изјави претседателот на Градскиот совет, Лиза Бендер, за Си-ен-ен.
Ова, рече таа, не е краткорочен проект, а советниците ќе разгледуваат и дебатираат и за функционирањето на постојната полиција.
Флојд почина на 25 мај за време на апсење, а за неговото убиство ќе одговараат четворица полицајци, еден како извршител, а тројца како помагачи.
Пред неговиот погреб, во Хјустон ќе се одржи шестчасовна комеморација. Претходно, комеморации имаше во Минеаполис и во неговиот роден град Редфорд, Северна Каролина.