Авиокомпанијата „Ер Србија“ соопшти дека до денеска претпладне ќе има отстапувања од планираниот распоред на летање и дека е можно некои летови да доцнат и до два часа поради вонреден преглед на терминалот за поаѓање на аеродромот „Никола Тесла“
По четиричасовна пауза, сообраќајот на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград е нормализиран во голема мера синоќа околу 21 часот, соопштија од белградскиот аеродром.

„Се извинуваме за непријатностите и им благодариме за соработката и разбирањето на патниците, авиокомпаниите, Министерството за внатрешни работи и сите надлежни служби“,
се наведува во соопштението на аеродромот „Никола Тесла“.
Во текот на четири часа, од 17:15 до 21:30 часот од аеродромот „Никола Тесла“ не полетал ниту еден авион.
Првиот лет по паузата бил на „Ер Србија“ за Барселона во 21:30 часот.
На белградскиот аеродром вчера попладне имаше огромен метеж поради грешка во редовниот проток на патници. Српското МВР информира дека поради настанатата грешка, во транзитната зона настанала мешаница меѓу патници кои пристигнале од Скопје со други патници кои требало да патуваат на европски и светски дестинации, а кои претходно ги поминале задолжителните контроли. Авиосообраќајот привремено беше во прекин, а патниците мораа повторно да ги поминат сите безбедносни контроли.
Авиокомпанијата „Ер Србија“ соопшти дека до денеска претпладне ќе има отстапувања од планираниот распоред на летање и дека е можно некои летови да доцнат и до два часа поради вонреден преглед на терминалот за поаѓање на аеродромот „Никола Тесла“.