Покрај бродовите со прехранбени прозводи кои веќе ја напуштија Украина, украинското Министерство за земјоделство соопшти дека уште 18 бродови се подготвуваат или чекаат дозвола да ги напуштат пристаништата. Министерството додава дека извозот на жито може да достигне до четири милиони тони во август, наспроти три милиони тони во јули
Вкупно 33 товарни брода со околу 719 549 тони прехранбени производи ја напуштиле Украина во согласност со договорот за деблокирање на украинските пристаништа, соопшти Министерството за земјоделство на оваа земја.
Извозот е овозможен со договорот за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од Украина. Договорот го потпишаа Москва и Киев на 22 јули, а е со посредство на Обединетите нации и Турција.
Заедничкиот координативен центар во Турција кој го следи спроведувањето на договорот, соопшти дека од постигнувањето на договорот, од три украински пристаништа на Црното Море се извезени вкупно 721 449 тони жито.
Украинскиот извоз на жито опадна откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари и ги блокираше нејзините пристаништа на Црното Море, што ги зголеми светските цени на храната. Со потпишувањето на договорот меѓу Киев и Москва, три црноморски пристаништа беа деблокирани.
Покрај бродовите кои веќе ја напуштија Украина, украинското Министерство за земјоделство соопшти дека уште 18 бродови се подготвуваат или чекаат дозвола да ги напуштат пристаништата. Министерството додава дека извозот на жито може да достигне до четири милиони тони во август, наспроти три милиони тони во јули.
Во посебна изјава, Министерството рече дека извозот на клучните украински земјоделски производи е намален за речиси половина од почетокот на руската инвазија во споредба со истиот период во 2021 година.