Хрватскиот претседател, на денешната прес-конференција, рече дека не може со сигурност да каже дали беспилотното летало носело бомба, но ја нагласи потребата од изградба на систем за противвоздушна одбрана
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на денешната прес-конференција, не откри детали за беспилотното летало што минатата недела се урна во Загреб, а за кое министерот за одбрана вчера рече дека на него се пронајдени делови од авиобомба.
Милановиќ не кажа дали дронот со големина на авион носел бомба, ама, како што пренесува ХРТ, рече дека е мала веројатноста ваков инцидент да се повтори и оти јавноста во овој момент е безбедна.
Тој рече дека треба да почне да се гради хрватски систем за противвоздушна одбрана, за чии недостатоци, како што рече, предупредил уште пред два-три месеци.
„Сите научивме нешто од ова. Ние сме членка на НАТО, би рекол, цврсти и лојални, но на крајот на краиштата, сами се грижиме за сопствената безбедност. И затоа очекувам итно да се изнајдат соодветни средства кои се неспоредливо помали од оние што ги одвоивме и ќе ги издвојуваме за борбени авиони, за овие противвоздушни системи да се зајакнат што е можно поскоро“,
рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател рече дека во некој среднорочен период треба да се набават системи за противвоздушна одбрана и додаде дека тие не се гаранција за апсолутна безбедност, но осигуруваат одредено ниво, бидејќи, како што нагласи, не постои апсолутна безбедност.
Тој побара „сите што имаат оперативно-техничко знаење од истрагата да молчат за тоа“.
На прашањето дали леталото имало авиобомба или бомба за самоуништување, тој одговори дека за тоа одоговор треба да даде министерот за одбрана Марио Баножиќ. Сепак, на инсистирање на новинарите дали дронот носел бомба или не, тој одговори дека не може да каже со сигурност.
„Не можам со сигурност да ви кажам дали тој дрон бил на украинските сили. Не можеме да бидеме целосно сигурни. Тоа веројатно никогаш нема да го дознаеме“,
рече Милановиќ.
Хрватската влада на 10 март објави дека во Загреб се урна беспилотно летало. Владата тогаш соопшти дека сите надлежни служби биле вклучени веднаш по падот на беспилотно летало од воен тип, кое, според собраните податоци, навлегло во хрватскиот воздушен простор од исток кон запад, односно од унгарскиот воздушен простор, со брзина од 700 км/ч на височина од 1 300 м.