Несреќата се случила денеска околу 15 часот на пристаништето на траектот во Мали Лошињ
Пристапна рампа на траектот „Ластово“ во сопственост на „Јадролинија“ паднала врз четворица морнари денеска попладне во градот Мали Лошињ. Во бизарната несреќа загинале три лица, а едно лице со телесни повреди е пренесено во болница во Ријека, пренесува „Јутарни лист“.
Од Приморско-горанското јавно претпријатие информираат дека според првичните информации, рампата паднала директно врз морнарите, а трите лица загинале на лице место, додека пак четвртото лице кое се здобило со повреди на рамото и колкот паднало во морето.
„За жал, рампата ги усмртила тројцата морнари и не беше возможно да им се помогне. Едно повредено лице паднало во морето, а пожарникарите помогнале при неговото извлекување“,
вели командантот на ЈП „Лошињ“, Мирко Кајкара.
Тешко повреденото лице во стабилна состојба било пренесено со хеликоптер во болницата во Ријека. „Јутарни лист“ пишува дека капетанот на бродот бил во целосен шок и воопшто не можел да зборува, а полицијата го опколила местото и го ограничила пристапот до траектот.
Во увидот, покрај полицијата, учествуваат и други служби за да се утврдат околностите во однос на тоа како рампата која тежи неколку тони паднала директно врз морнарите. Сега ќе следува истрага на местото на несреќата, предводена од заменик-окружниот државен обвинител од Ријека.