Со вежбата, за која Русија оцени дека следува по „провокативните закани од западните претставници“, ќе се тестира подготвеноста и распоредувањето на нестратегиски нуклеарни сили за извршување борбени мисии
Министерството за одбрана на Русија објави дека по наредба на претседателот Владимир Путин, официјална Москва ќе изведе воена вежба која ќе опфати употреба на тактичко нуклеарно оружје.
Со вежбата, за која Русија оцени дека следува по „провокативните закани од западните претставници“, ќе се тестира подготвеноста и распоредувањето на нестратегиски нуклеарни сили за извршување борбени мисии.
„За време на вежбата ќе се спроведат низа мерки за практикување на подготовка и употреба на нестратегиско нуклеарно оружје“,
соопшти Министерството за одбрана на Русија.
Во соопштението на руското министерство се додава дека воената вежба има за цел да го обезбеди територијалниот интегритет и суверенитет на Русија „како одговор на провокативните изјави и заканите на одредени западни претставници против Руската Федерација“.
Засега е нејасно кога и каде ќе почне вежбата во која ќе учествуваат јужниот одбранбен округ и поморските сили.