Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, претходно на лидерите на најголемите опозициски партии, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, им порача дека за да дојдат на власт прво треба да го заслужат тоа
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, ќе победат на изборите, верува Христијан Мицкоски, кој потоа очекува луѓето од централната власт достоинствено да ги напуштат функциите и да им ги препуштат ним.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ги порази погрешните политики, криминалните политики, политиките што не нудат надеж, план и перспектива за сите граѓани. Потоа очекуваме достоинствено да ги напуштат позициите во Владата и да им ги отстапат на луѓе кои знаат како и кои сите нерешени проблеми што ќе ги остават зад себе ќе ги решаваат. Мотивирани сме, храбри сме и имаме желба навистина да ја поставиме Македонија онаму каде што е местото, Македонија за сите луѓе“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања во Тетово, тој рече дека во овој град уште во првиот круг ќе го поддржат кандидатот за градоначалник на Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и дека очекува советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ да освои рекорден број советници.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, претходно ги обвини лидерите на најголемите опозициски партии, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, за политикантство во случајот со трагедијата во Тетово и им порача дека за да дојдат на власт, прво тоа треба да го заслужат тоа.
На прашањето дали размислувал за оставка од премиерската функција, Заев одговори:
„Зошто? Мицкоски да дојде и да биде премиер? Не размислувам, затоа што тој ќе биде премиер и заменик-премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужат, кога ќе имаат емпатија со народот, кога ќе бидат тука да помогнат, кога ќе даваат идеи. А не вака грозотијата да ја користат на најлош начин, кога целата наша нација е во длабока болка и црнило. И тоа во трите дена на жалост без да калкулираат за чувствата на семејствата, на децата, на родителите, на сите нас. Болката е искрена кај сите нас и тоа го гледаме. Пуста желба за власт, пусто само да се победи. Нема да се победи. Сè додека вака се однесуваат, ќе губат на избори затоа што другата алтернатива е заедништвото, инвестициите …“.