Премиерот зборуваше и за модуларните болници и увери дека се безбедни и се од истиот тип и со истиот стандард како што се и насекаде во светот
Не размислувам за оставка, вели премиерот Зоран Заев одговарајќи на барањата на опозициските партии за негова оставка по пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово во кој загинаа 14 граѓани.
„Зошто? Мицкоски да дојде и да биде премиер? Не размислувам, затоа што тој ќе биде премиер и заменик-премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужат, кога ќе имаат емпатија со народот, кога ќе бидат тука да помогнат, кога ќе даваат идеи. А не вака грозотијата да ја користат на најлош начин, кога целата наша нација е во длабока болка и црнило. И тоа во трите дена на жалост без да калкулираат за чувствата на семејствата, на децата, на родителите, на сите нас. Болката е искрена кај сите нас и тоа го гледаме. Пуста желба за власт, пусто само да се победи. Нема да се победи. Сè додека вака се однесуваат, ќе губат на избори затоа што другата алтернатива е заедништвото, инвестициите…“,
одговори Заев на прашањето дали тој лично размислувал за оставка од морални причини.
Тој уште еднаш нагласи дека треба да се почекаат форензичките извештаи за да се дознае од што точно е предизвикан пожарот и тоа да може да се превенира во иднина.
Премиерот тврди и дека модуларните болници во земјава се безбедни и се од истиот тип и со истиот стандард како што се и насекаде во светот.
„Тие спасија илјадници животи и во моментот во нив има околу 200 наши граѓани кои се лекуваат ширум земјата. Секако, верувам дека се безбедни и се направени согласно стандардите и така треба да продолжиме и да ги користиме. Како што реков и вчера, дополнително проверките се засилени за да може да се проверат од секој аспект, и од противпожарен и од безбедносен аспект“,
рече Заев.