Од Владата се жалат дека не е првпат Антикорупциска до кабинетот на Грковска да доставува иницијативи кои не се во нејзина надлежност, а потсетуваат и дека Владата и вицепремиерката не се истражен и обвинителски орган
Неосновани и паушални се обвинувањата од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со непостапувањето за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Ова е дел од писмениот демант што од кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска попладнето го испратија до Антикорупциската комисија откако претседателката на ова тело Билјана Ивановска денеска на прес-конференција рече дека немаше да има толкава бура за ставањето на градоначалникот на „црната листа“ на САД доколку домашните институции, вклучително и Владата, постапувале по иницијативите што ги поднеле антикорупционерите.
За жал, пишува во демантот од Владата, ДКСК предводена од претседателката Ивановска, во обид да ги оправда постапувањата или непостапувањата на ДКСК, се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали се тие надлежни или не за конкретни случаи.
Мерко е дел од локалната власт, и од Владата нагласуваат дека тие не се надлежни за тоа.
„Им предочуваме на членовите на ДКСК дека заменичката на претседателот на Владата, Славица Грковска, во согласност со овластувањето што го има од претседателот на Владата е задолжена за спроведување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други функционери избрани од Владата. Имајќи ја предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, вицепремиерката Грковска нема и не може да има надлежност врз функционер кој е избран на непосредни избори. Од тие причини, вицепремиерката Грковска во оваа насока може да даде само препораки во однос на почитување на принципите за добро владеење и ништо повеќе“,
пишува во демантот од кабинетот на Грковска.
Од Владата се жалат дека не е првпат Антикорупциска до кабинетот на Грковска да доставува иницијативи кои не се во нејзина надлежност, а потсетуваат и дека Владата и вицепремиерката не се истражен и обвинителски орган.
„Тоа значи дека сите случаи и информации кои пристигнуваат во Кабинетот се пренесуваат на надлежност на институциите кои според закон треба да постапуваат и да ги процесираат. Нагласуваме, членовите на Владата ниту можат, ниту смеат да ја преземат улогата на обвинителските и судските органи во државата. Факт е дека правосудните органи не испорачуваат задоволителни резултати во борбата со корупцијата, но тоа не значи дека треба да се наруши уставната поделба на власта, туку да се инсистира на доследни реформи и одговорност во нивните редови“,
велат од кабинетот на вицепремиерката.
На крајот од владината реакција се нагласува и дека овој состав на ДКСК има поддршка од Владата како ниту еден состав претходно, особено во јакнење на капацитетите.
Претседателката на Антикорупциска, пак, претходно на прес-конференција во детали наведуваше што презеле и какви сè иницијативи презеле во врска со Мерко, но оти институциите не реагирале.
„Немаше да има потреба од толкава бура, која во јавноста ја предизвика одлуката на американскиот Стејт департмент да го стави на ‘црна листа’ струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доколку Јавното обвинителството, Судскиот совет, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции си ја вршеле работата и постапувале по иницијативите на Државната комисија за спречување на корупција“,
истакна Ивановска.
Колку иницијативи до Владата сме дале, па не презедоа ништо за разрешување или одговорност, рече таа во дел од прес-конференцијата зборувајќи генерално за активностите на Антикорупциска.