Во соопштението од Правда е објавен составот на работната група со која, според Министерството, ќе претседава академик Владо Камбовски, а во неа ќе учествуваат поранешни и актуелни судии и претседатели на судови, универзитетски професори, претставници на невладиниот сектор, а дел од работната група е и еден член од актуелниот состав на Судскиот совет – Ивица Николовски
Министерството за правда попладнево преку писмено соопштение информира дека ресорниот министер Кренар Лога денеска донел решение за формирање работна група за изготвување закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет.

Како повод за ваквиот потег на министерот се наведува најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2023 година, во кој се нотирани слабости во судството, а Судскиот совет во овој контекст е споменат во повеќе наврати.
„Со цел надминување на слабостите наведени во Извештајот на Европската комисија за досегашната работа на Судскиот совет, а во рамки на надлежностите на Министерството за правда за изготвување на законите во оваа област, денес формирав работна група за изготвување на закон за изменување и дополнување на Законот за судскиот совет, со претставници од правосудството, академската заедница и невладиниот сектор“,
се наведува во соопштението од Правда.
Во него е објавен и составот на работната група со која според Министерството ќе претседава академик Владо Камбовски, а во неа ќе учествуваат:
- Маргарита Цаца-Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур;
- д-р Бајрам Положани, поранешен судија на Уставниот суд и професор по уставно право;
- Бранко Наумовски, поранешен претседател на Уставниот суд;
- Сали Мурати, поранешен претседател на Уставниот суд;
- Беса Адеми, претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија;
- Јелена Кадриќ, претставник од Институтот за човекови права;
- Ивана Петковска, претставник од Коалицијата „Сите за правично судење“;
- Џемали Саити, судија во Врховниот суд на Република Северна Македонија;
- д-р Денис Прешова, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“ – Скопје;
- д-р Ана Павловска-Данева, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“- Скопје;
- Ѓорѓи Радојков, поранешен судија;
- Ивица Николовски, член на Судскиот совет на Република Северна Македонија;
- д-р Јетон Шасивари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
- д-р Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
- Шпенд Деваја, судија во Врховниот суд на Република Северна Македонија.
За формирањето на работната група министерот Лога информира и преку објава на неговиот официјален фејсбук-профил.
Од Министерството за правда велат дека Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава за 2023 година изразува сериозна загриженост за работата на Судскиот совет и во соопштението до медиумите подетално се осврнуваат на забелешките на ЕК во однос на Судскиот совет.
„Имено, во клучните оценки и препораки во делот на функционирање на судството Европската комисија го повикува Судскиот совет да се залага да ја заштити независноста и интегритетот на судиите. Натаму, се нотира контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведе во прашање почитувањето на законите и постапките. Обидите на сегашниот претседател да го ограничи присуството на камерите на седниците на Советот се исто така нотирани, а кои благодарение на интервенциите на граѓанските организации и судско-медиумскиот совет престанаа да бидат пракса“,
се оценките на ЕК на кои потсетува Правда во соопштението.
Оттаму додаваат дека една од причините за испраќање оценска мисија од страна на Европската Унија за работата на Судскиот совет биле слабостите лоцирани во неговото функционирање во изминатиот период.
„Исто така во извештајот се нотира и ниската доверба на судиите во улогата на Судскиот совет во заштита на судската независност, а согласно оценката на ризикот од корупција во судството, објавена во јуни 2023 година, со која 72% од судиите не се согласуваат со ставот дека Судскиот совет ефективно ја штити судската независност“,
наведуваат од Правда.

Во однос на работната група што ја формирал министерот Лога, се додава дека таа во текот на својата работа ќе повикува претставници од сите релевантни органи од областа на правосудството.