Лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата се производите за кои ДДВ се намали од пет на нула отсто
По поевтинувањето на горивата, се очекува од денеска да има корекции и на цените на основните прехранбени производи согласно владините антикризни мерки и законските измени за висината на акцизите и стапката на ДДВ што во петокот добија зелено светло во Собранието.
Треба да се усогласат цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. За нив стапката на ДДВ од пет отсто е укината на нула проценти и оваа мерка ќе трае до крајот на мај. Паралелно со ова, замрзнати се маржите за некои производи, и укинати царинските давачки за увозот на основните прехранбени продукти.
Антикризниот пакет мерки за справување со ценовниот шок поради војната во Украина, покрај намалениот ДДВ на горивата од 18 на 10 проценти, како и акцизата за 1, 2 или 4 денари, што веќе доведе до поевтинување на бензините и дизелот, предвидува и продолжување на повластената стапка од 5 проценти ДДВ за електрична енергија за домаќинствата до крајот на годинава.
Се намалува и стапката на ДДВ при промет на енергенси од 18 на 10 проценти, а се укинува данокот при увоз на гас, електрична и топлинска енергија.
Со намалувањето на даноците директно се влијае врз крајната цена што граѓаните ја плаќаат за основните производи за исхрана, со пониското ДДВ за нафтените деривати се амортизира крајната цена на дериватите, додека со продолжување на повластената стапка на ДДВ за електрична енергија се редуцираат трошоците за енергија.
Со сетот од 26 антикризни мерки, е предвидено и субвенционирање на граѓаните за електрична енергија. Најранливите категории во периодот од април до јуни ќе добијат ваучери во вредност од по 1.000 денари секој месец, кои би се користеле за купување на основни производи. За сите пензионери започнувајќи од мартовската, а завршувајќи со мајската пензија, предвидени се дополнителни субвенции од по 1.000 денари како дополнување на пензијата.
Министерот за финансии Фатмир Бесим тврди дека донесените мерки вредни 400 милиони евра нема да влијаат на ликвидноста на државната каса. Буџетот е ликвиден, девизните резерви се зголемени, денарот е стабилен, вели Бесими. Тој ги повика институциите, општините, стопанствениците и граѓаните да бидат рационални во трошењето на енергенстите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет, нагласувајќи дека сите мерки се преземаат навремено и дека нема простор за паника.