Цените на гасот на светскиот пазар почнаа значително да паѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен да помогне да се стабилизираат зголемените цени на енергијата во светот, по историскиот рекорд во средата од 1 937 долари, забележува британскиот весник „Фајненшл тајмс“
Цените на пазарниот гас нагло паднаа во средата, откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја е подготвена да придонесе за стабилизирање на зголемените светски цени на енергијата, кои ја загрозуваат индустриската активност и нагло ја зголемуваат инфлацијата, се вели во написот на „Фајненшл тајмс“.
Според податоците од берзата „ИЦЕ фјучрс“, цената на гасот вчера постави нов историски рекорд, достигнувајќи вредност од 1 937 долари за илјада кубни метри, а до крајот на денот цената се намали за над 600 долари.
„Вчерашниот ден беше најнестабилниот и најнепредвидливиот што многу играчи на пазарот некогаш го виделе“,
изјави консултантот на компанијата ИЦИС, Том Мезерек Мансер, за британскиот весник.
Исто така, и британски „Телеграф“ пишува за остриот пад на цената на гасот по обраќањето на Путин, нагласувајќи дека цената на гасот во секој случај е седумпати повисока од вообичаената за Велика Британија.
Што кажа Путин
Вчера, 6 октомври, Владимир Путин одржа состанок посветен на енергетските прашања. Рускиот претседател рече дека земјата е подготвена да придонесе за стабилизација на светскиот пазар на енергија, но дека е неопходно тоа да се направи на комерцијална основа, земајќи ги предвид интересите на сите учесници.
Цените на гасот денеска продолжуваат да паѓаат
Цената на ноемвриските фјучерси за гас во Европа денеска падна под 1 100 долари за илјада кубни метри, покажуваат податоците на берзата „ICE фјучрс“.
Претходно, хартиите од вредност според холандскиот индекс ТТФ (најликвидниот европски центар) започнаа со тргување по цена од околу 1 260 долари за илјада кубни метри, а за неколку минути достигнаа вредност од 1 280 долари, по што почнаа да паѓаат.
Во последните недели имаше скок на европскиот пазар на гас. Ако на почетокот на август хартиите од вредност за испорака на гас се тргуваа по цена од 515 долари за илјада кубни метри, еден месец подоцна цените пораснаа на 614 долари, двојно се зголемија кон крајот на септември, за последните два дена да пораснат за уште 30 проценти.