„Веднаш влеговме во сала и го опериравме. Пациентот е стабилен и очекувам сè да биде во ред. Куршумот влегол во предниот дел на градниот кош и излегол од задниот дел и беше многу блиску до срцето. Моментално е во стабилна состојба и надвор од животна опасност“, изјави началникот на Службата за торакална хирургија, Марко Кантар
Тројниот убиец од босанскиот град Сански Мост, Мехемед Вукалиќ, кој е хоспитализиран во Универзитетскиот клинички центар во Република Српска, е свесен и буден, изјави началникот на Службата за торакална хирургија, Марко Кантар.
Тој појасни дека овој пациент бил примен вчера со прострелна рана во градниот кош и повреди на белите дробови, што е спротивно на првичните информации дека си пукал во главата.
„Веднаш влеговме во сала и го опериравме. Пациентот е стабилен и очекувам сè да биде во ред. Куршумот влегол во предниот дел на градниот кош и излегол од задниот дел и беше многу блиску до срцето. Моментално е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, но не значи дека тоа не може да се смени“,
наведе Кантар.
Министерот за образование, наука, култура и спорт на Унско-санскиот кантон, Денис Османкиќ, по вчерашниот трагичен настан во гимназијата изјави дека „од вчера веќе никој не е ист“.
„Длабоко потресени, вознемирени и тажни собираме сили да одговориме смирено на невидено злосторство во место и меѓу луѓе каде насилството едноставно не припаѓа. Наш приоритет е благосостојбата на нашите вработени, децата, родителите и целата заедница. Во тоа име Министерството веќе денеска ќе понуди конкретни чекори во пружањето психосоцијална поддршка на семејствата, колегите, децата и сите други кои биле погодени од овој невиден и неразбирлив настан“,
рече тој.
Министерот за внатрешни работи Аднан Хабибија изјави дека во наредните денови ќе се интензивираат активностите на полициските службеници на улиците на овој кантон.
Во Сански Мост, како што рече градоначалникот Фарис Хасанбеговиќ, најверојатно ќе биде прогласена тридневна жалост, додека на ниво на Унско-санскиот кантон, ден на жалост треба да биде денот на погребот на жртвите.
Инаку, домарот на гимназијата во Сански Мост, Мехемед Вукалиќ, вчера со автоматска пушка уби три лица. Меѓу убиените се директорот на гимназијата Нијаз Халиловиќ, професорката по англиски јазик Гордана Миџан и секретарката на училиштето Нисвета Кљуниќ. Откако го извршил убиството, Вукалиќ се обидел да се самоубие, при што си нанел тешки телесни повреди и бил пренесен во болница.