Грција ќе им понуди на младите парични награди за примање на првата доза на вакцина против ковид-19, како дел од владината акција за зголемување на стапката на имунизација пред летната туристичка сезона.
Грција релативно добро го помина првиот бран на пандемијата, но мораше да прогласи карантин во ноември поради големиот пораст на бројот на инфекции.
Со падот на бројот на заразени, минатата недела беше укинато задолжителното носење маски на отворено. Од денес, целосно вакцинираните Грци можат да одат на работа или во фитнес-сала без да се тестираат.
Досега само 33 проценти од 11 милиони жители се целосно вакцинирани и поради тоа стравот од делта-сојот расте.
Владата подготви припејд-картички во вредност од 150 евра за оние што ја примаат првата доза на вакцината.
Одлуката ја објави премиерот Киријакос Мицотакис, кој додаде дека тоа е „подарок за благодарност“ на младите.
Ваучерот се однесува на околу 940.000 млади, кои ќе можат да го искористат за патувања во Грција, односно да купат билети за авион, брод или воз, да си ги покријат трошоците за сместување или, пак, да посетат културни настани, да следат кинопроекции, театарски претстави, концерти итн.
Со примање на првата доза на вакцината, младите од 18 до 25 години, преку интернет-апликација ќе го добијат „Freedom pass“ со 150 евра, а износот ќе можат да го користат само за конкретните активности.