Расчистување на случајот со масовното прислушување, но и на случаите на злоупотреба на моќ и јавни пари што произлегоа од содржината на прислушуваните разговори е само една од задачите што треба да ги заврши Македонија до следниот јуни кога земјите-членки на ЕУ ќе треба да решат дали и кога би се одржала првата меѓувладина конференција како официјален почеток на пристапните преговори. Дали и како напредува земјава во исполнување на поставените услови е темата на која Владимир Мирчески разговараше со амбасадорот на една од двете највоздржани земји-членки, Холандија, Ваутер Пломп.
Амбасадоре, 4 месеци по заклучоците на Советот на ЕУ, до каде е процесот на исполнување на условите за закажување на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија?
Прво, дозволете да почнам со тоа дека договорот од Преспа беше огромен пробив за Македонија. Кога пристигнав во Македонија пред три години, да бидеме искрени, тоа беше тешко и да се замисли. Сега сме таму, а дури и пред само една година беше тешко да се замисли. Сега, на некој начин се уште го славиме договорот со Бугарија, го имаме сега и договорот со Грција, кој секако дека треба да биде имплементиран и ратификуван, поминувате и низ тежок процес на уставни измени, за кој сметам дека сите однапред знаеја дека ќе биде најтешкиот дел бидејќи тоа се доста чувствителни прашања, а потоа треба да биде ратификуван и во Грција исто така, за да се исчисти патот кон членство во НАТО и подоцна за старт на преговорите за пристап кон ЕУ. Но, не смееме да ја прецениме важноста на договорот – можеби најважната работа, според моето мислење, е дека кога еднаш засекогаш договорот ќе биде ратификуван и финализиран и прашањето со името ќе биде целосно надвор од патеката, сметам дека ќе се ослободи доста време, енергија и фокус за некои од вистинските проблеми кои многу влијаат на животите на луѓето, како и на реформите кои ќе бидат потребни за почеток на преговорите со ЕУ, како што се реформата во јавната администрација, контролата на разузнавачките служби и можеби најважната – судството и борбата против корупцијата.
Кога зборуваме за реформите и напредокот за старт на преговорите за членство, вие споменавте дека ова е процес на две ленти – првата е Договорот од Преспа, втората се реформите. Каде ги глдеате можните слаби точки на кои владата треба да се фокусира во наредниот период?
Постојат три полиња кои ги споменав – судство, разузнавање и јавна администрација. ЕУ има кажано дека Македонија таму ќе треба да се фокусира. Знам и дека мојата земја е помеѓу строгите земји. Знаете ли зошто? Мојата земја длабоко се грижи за владеењето на правото, членка сме на ЕУ од самиот нејзин почеток и кај нас се уште е некој процес на учење, но ако сега ги прашаме политичарите која е целта на ЕУ – дали е тоа еден пазар, заедничка валута, слобода на движење… Да, сето тоа е важно, но темелот без кој сите овие работи не можат да функционираат, е своевидна заедница на вредности. Тоа е апстрактна работа, но се работи за владеење на правото, за независност на институциите, за проверки и баланси кои ја прават демократијата функционална во насока сите луѓе во државата да можат да им веруваат на институциите и политичарите. За тоа се работи. И затоа мојата е земја многу строга во поглед на владеењето на правото, но мојата земја е тука и да се обиде да и помогне на Македонија онаму каде е возможно. Затоа сме тука 25 години, имаме потрошено 250 милиони евра во различни видови на техничка поддршка за судството, одговорноста, итн, а добро е да сме спомене во оваа прилика и дека на крајот се случува и еден реформски натпревар – ЕУ разговара со сите земји од целиот Западен Балкан, знаеме дека Македонија и Албанија беа на агендата на Советот на ЕУ изминатиот јуни и веројатно ќе бидат и идниот јуни – она што сметаме дека е од голема важност е дека сите држави, без разлика дали се тоа Србија, Црна Гора или другите, ќе бидат проценувани преку своите реформи и на нивните индивидуални заслуги како земји. Така што, ова не е некоја врста на флота, туку повеќе на регата каде навистина најдобрите реформатори ќе бидат наградени.
По јунските заклучоци на ЕУ, во Македонија остана чувството дека земјата не го доби тоа што го очекуваше за возврат од ЕУ за договорите со Грција и со Бугарија. Колку воздржаноста на Холандија беше на принципиелно ниво ако се земе предвид дека Србија води пристапни преговори со ЕУ, а се соочува со сериозни проблеми во демократските процеси?
Да бидеме искрени – за Македонија, од почетокот се работеше за две работи: прво, прашањата со соседите да се тргнат надвор од патот, и второ, реформскиот процес. Кај реформскиот процес веќе објаснив зошто на мојата земја особено и е важно владеењето на правото. Мојата земја зависи од трговија – трговијата зависи од довербата, мораме да веруваме во системот во самата Унија, каде ќе размислуваме во правец дека економските односи ќе бидат засновани на взаемна доверба, и на крајот, на владеење на правото во институциите на сите земји членки. Затоа ја сакаме Македонија во Европската унија, но ја сакаме во ЕУ кога навистина ќе биде подготвена, како земја која е демократски стабилна, која е инклузивна демократија – пред се, инклузивна демократија со независни институции кои служат со проверки и рамнотежа. Секако дека знаеме дека е тоа долг процес и не мора сето да биде постигнато пред да започнат преговорите, но барем за мојата земја, или поважно за парламентот на мојата земја, е од особена важност да бидат убедени дека Македонија е подготвена да се приклучи кон тој процес.
Колку е реалистично сценариото во кое првата меѓувладина конференција би се одржала до крајот на 2019?
Знаете, мислам дека има една особено важна работа за која се уште не зборувавме, а тоа е НАТО. Секако дека ЕУ е навистина важен процес кој мислам дека Македонија на крајот ќе го постигне, но членството во НАТО е веднаш зад аголот. Кога уставниот процес ќе биде завршен во Македонија и кога Грција ќе го ратификува својот дел од договор од Преспа, тогаш членството во НАТО ќе биде достижно веќе наредната година, во нејзината прва половина. Мислам дека тоа ќе биде главниот поттик. Ќе има и Совто на ЕУ наредниот јуни, од голема важност е и членството во НАТО, и тогаш ќе согледуваме каде е Македонија во поглед на реформите, ќе има извештај за земјата кој ќе биде изготвен наредната пролет, и како што кажав претходно холандскиот парламент мора да биде убеден од страна на Македонија и македонската влада, но не само од нив се работи и за судството, судскиот совет, обвинителството… Сите институции на македонија треба да ја претстават сликата за вистинска реформска Македонија која најмногу од се се грижи за иднината на своите граѓани, а тогаш ќе може да го убеди и Европскиот совет наредната година.
Како ја оценувате внатрешната политичка состојба во земјава, особено по отвореното одбивање на опозицијата да го поддржи процесот за решавање на спорот за името?
Ова е доста деликатно, самиот процес е деликатен… Тоа и мораше да биде деликатен процес, бидејќи Договорот од Преспа и уставните измени се доста чувствителни прашања, но сметам дека сите треба да согледаат што ќе биде, така да се изразам, наградата за сето тоа и една од придобивките од минатиот месец е тоа што сега е јасно кој за што се залага. Мораме да напоменеме дека една од главните партии со своите активности, всушност се обидуваше да го блокира членството на НАТО и ЕУ. Но добрата вест е дека сега се гради консензус за конструктивен пристап кој ќе ги донесе уставните измени до добар завршеток, а има шанси конструктивниот консезус да се проширува. Одговорноста на Владата е голема да обезбеди сето тоа да функционира, претстои доста тешка работа, но сметам дека е можно.
Настаните што се во тек во парламентот околу уставните измени некако се поврзани со настаните со 27 април за што има голема дебата. Оттука, помирување или амнестија?
Мислам дека помирувањето само по себе е доста добра работа, и на помирувањето му е потребна поддршка од сите. Она што не смее да биде вклучено е некој вид на генерална амнестија, бидејќи неказнивоста никогаш не е добар рецепт и ќе создаде само повеќе прашања за во иднина. Како на крајот помирувањето ќе биде реализирано оставам на политичарите, тоа е на крајот политички процес, постои и парламентарна работна група колку што знам, и мислам дека ова е една од оние пригоди кога политичарите треба да покажат дека повеќе се грижат за националните интереси отколку за своите или партиските интереси.
Погледнете го и интервјуто со амбасадорот на другата од двете највоздржани земји-членки, Франција, Кристијан Тимоние на следниот линк.
Напишете коментар