Согласно одлуката за доверување на мандатот за формирање влада на Република Хрватска, мандатарот Андреј Пленковиќ е должен веднаш по составувањето на владата, а најдоцна во рок од 30 дена од прифаќањето на мандатот, до хрватскиот Сабор да достави програма на владата и предлог за состав на владата и да бара гласање за доверба
Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска во 10 часот го прими претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кој му ги врачи потребните 78 потписи во рамки на процедурата предвидена во Уставот за доделување мандат за состав на влада на Република Хрватска.
„По поднесувањето на потписите на 78 избрани пратеници на 11-тото свикување на хрватскиот Сабор, ми беше доверен мандатот за формирање на хрватската влада. И во третиот мандат продолжуваме да работиме за подобрување на Хрватска“,
порача Пленковиќ по средбата.
Nakon predaje 78 potpisa izabranih zastupnika u 11. saziv Hrvatskog sabora, povjeren mi je mandat za sastavljanje hrvatske Vlade. I u trećem mandatu nastavljamo raditi za boljitak 🇭🇷! pic.twitter.com/VkdkfE7Lba
— Andrej Plenković (@AndrejPlenkovic) May 10, 2024
Милановиќ, пак, се огласи само со соопштение во кое посочи дека Пленковиќ докажал дека ја ужива довербата на мнозинството од сите пратеници, пренесуваат хрватските медиуми.
Согласно одлуката за доверување на мандатот за формирање влада на Република Хрватска, мандатарот Андреј Пленковиќ е должен веднаш по составувањето на владата, а најдоцна во рок од 30 дена од прифаќањето на мандатот, до хрватскиот Сабор да достави програма на владата и предлог за состав на владата и да бара гласање за доверба.
Претседателот Милановиќ во четвртокот, врз основа на одредбите од уставот на Република Хрватска и Законот за избор на пратеници во хрватскиот Сабор, донесе Одлука за свикување на првата седница на хрватскиот Сабор за 16 мај 2024 година.