Сега веќе разрешениот министер за одбрана Марио Баножиќ, со тешки повреди, но надвор од животна опасност, се наоѓа во болница во Осиек. Хрватските медиуми пишуваат дека според Кривичниот законик на земјата, му се заканува казна затвор од три до 15 години
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши од функцијата министерот за одбрана Марио Баножиќ откако тој предизвикал сообраќајната несреќа која се случи утринава, а во која едно лице го загуби животот, а самиот тој се здоби со тешки повреди.
Пленковиќ, на попладневното обраќање до јавноста, најпрвин му изрази сочувство на семејството на загинатиот возач на комбето, Горан Шариќ, а потоа кажа дека е разрешен министерот Марио Баножиќ.
„Ги слушнавте околностите на несреќата и изразуваме жалење и загриженост за состојбата на министерот кој беше хоспитализиран со тешки повреди. Изразивме сочувство до семејството на господинот Шариќ и во контакт сме со сопругата на Баножиќ“,
рече Пленковиќ.
Тој рече дека сега должноста министер ќе ја врши државниот секретар.
„Го отпуштив Баножиќ. Го овластив државниот секретар Здравко Јакоп да ја врши должноста министер за одбрана. Лицата кои се заштитени лица од втора категорија имаат правило дека можат сами да возат. Тој го управувал своето лично возило. Одел на приватно патување. Подобро е заштитените лица да ги возат професионалци“,
рече тој.
Премиерот Пленковиќ рече дека жали за господинот Шариќ, кој почина, и нагласи дека ќе се најде начин како да му се помогне на неговото семејство, но изрази жалење и за министерот Баножиќ.
На прашањето дали се точни информациите дека министерот Баножиќ синоќа бил на забава и дали по нерсеќата има крвни наоди, Пленковиќ рече оти нема веродостојни информации.
„Навистина не знам каде бил синоќа. Немам такви информации“,
рече тој.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, Баножиќ одел на лов кога се случила несреќата во која загина 40-годишен маж од Привлака. Окружното државно правобранителство објави дека Баножиќ го престигнал камионот во магла и директно се судрил со комбе кое доаѓало од другата насока.
Možemo potvrditi, kako su @MORH_OSRH i @mup_rh i priopćili, da je ministar obrane Mario Banožić jutros sudjelovao u prometnoj nesreći kod Vinkovaca, u kojoj je smrtno stradala jedna osoba. Obitelji smrtno stradale osobe izražavamo sućut.
— Marko Milić (@HrMarkom) November 11, 2023
Несреќата се случила во 6:15 часот на излезот од Винковци во правец кон Жупања. Баножиќ бил примен во болницата во Винковци во 8:30 часот, а потоа бил префрлен во клиничкиот болнички центар во Осиек. Од болницата во Осиек било пријавено дека Баножиќ е на одделението за интензивна нега, дека има повреди на мозокот, градниот кош и екстремитетите и дека неговиот живот не е во опасност.
Хрватскиот портал „Индекс.хр“ наведува дека според Кривичниот законик, учесник во сообраќајот на патиштата кој со прекршување на прописите за безбедност во сообраќајот, ќе предизвика опасност по животот или телото на луѓето или имотот од големи размери, а како резултат на тоа ќе предизвика смрт на едно или повеќе лица, ќе се казни со затвор од три до 15 години.
Ако делото е сторено од невнимание, порталот наведува дека казната е од една до осум години.
Жупаниското државно правобранителство (ЖДО) во Винковци се огласи во врска со сообраќајната несреќа на министерот Баножиќ. Билјана Лубуриќ, заменик-државен правобранител, изјави дека ЖДО, во соработка со полицијата и експерт, констатирале дека 44-годишен хрватски државјанин возел од правец на Винковци и почнал да претекнува камион без да провери дали е тоа безбедно, што резултирало со удар во комбе кое се движело од спротивна насока.
„Возачот на комбето загина, додека возачот на автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во болницата во Винковци, а подоцна и во Осиек“,
додаде таа.
Таа изјавила дека зеле примероци од крв и урина за да утврдат присуство на алкохол, но резултатите сѐ уште ги немаат.
Лубуриќ не открила со која брзина се движел министерот Баножиќ или во која насока ќе оди извештајот. Таа потврди дека двајцата возачи биле врзани и дека имаат еден сведок, камионџијата, кој бил сослушан.
Што се однесува до присуството на воената полиција, вели дека секогаш треба да биде присутна кога има несреќа на воено лице, но тие не влијаат на истрагата.
Несреќата е потрврдена и од Министерството за одбрана, од каде што велат дека министерот, надвор од вршењето на службената должност, може да ги извршува своите приватни активности без безбедносната придружба, која му припаѓа како заштитено лице од втора категорија.
Nastavno na medijske upite Ministarstvo obrane se očituje kako slijedi: Ministar obrane izvan obavljanja službenih dužnosti u mogućnosti je bez pratnje osiguranja, a koje mu pripada kao štićenoj osobi druge kategorije, obavljati svoje privatne aktivnosti.
— MORH/MoD Croatia (@MORH_OSRH) November 11, 2023
Оттаму велат дека полицијата, согласно Законот за полициски должности и овластувања, редовно ја известува воената полиција за постапувањето со вработените во МО и припадниците на Генералштабот на вооружените сили, која во тој случај излегува на лице место и собира податоци заради евидентирање и известување.
„Согласно наведеното, увидот на местото на инцидентот е извршен од страна на надлежното државно правобранителство и полициски службеници на МВР, односно не станува збор за постапување на воената полиција во смисла на спроведување увид на местото на инцидентот или која било друга постапка заради утврдување на околностите кои довеле до сообраќајната незгода во предметните незгоди, но само за извршување на задолженијата за евидентирање и известување на воената полиција“,
се вели во соопштението на Министерството за одбрана.