Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа биле пуштани во оптек и со нив купувал парцели на Водно
Никола Груевски, Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ се имињата на обвинетите за кои во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судскиот процес во предметот познат во јавноста како „Плацови на Водно“.
Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев треба да бидат спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор – Мијалков во случајот „Трезор“, а Камчев во „Плацови на Водно“. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.
Судскиот процес треба да го води судечки совет на чело со судијата Илија Трпков.
На експремиерот ќе му се суди за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Бизнисменот Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ, пак, се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.
Предметот произлезе од „Империја“ кој го отвори СЈО, а сега е во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупцијата. Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик. За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра.
Обвинителството тврди дека се купувал и прикривал вистинскиот сопственик за кој тврди дека е Груевски. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството претходно, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија од Белизе.
Од друга страна, пак, дел од обвинетите лично или преку своите адвокатски тимови во јавноста ги отфрлаа обвинувањата. Груевски повеќе пати се огласуваше од Будимпешта со објави на Фејсбук, тврдеше дека не е сопственик на имотот и дека не правел никакви зделки.
„Без ниту еден материјален доказ, кој и не може да го има бидејќи не сум направил никакви купопродажби, и само со приказни од типот ’рекла-казала‘ на неколку, најблаго кажано, уценети лица од власта со најбрутални методи“,
напиша Груевски кога од Кривичен соопштија дека го прифатил обвинението.
И адвокатите на бизнисменот Камчев, кој повеќе од 4 месеци е во притвор, отфрлаа поврзаност со имотот и неколкупати досега обвинување за анимозитет и тортура кон нивниот клиент.
„Извршивме увид во предметот и морам да ви пренесам дека нема ниту една причинско-последична врска која го врзува мојот клиент за предметот ’Плацови на Водно‘. Процесот не е целосен, бидејќи постојат плацови кои не се опфатени во истрагата, а се дел на одредени групи блиски на сегашната политичка гарнитура. Се работи за селективност. Најавата за обвинителниот акт е причина да се затскрие белешката од АНБ на начин што се сака да се задржи мојот клиент во притвор односно да има друга причина за ограничување на неговата слобода“,
изјави адвокатот Тони Менкиноски на 9 мај 2021 кога обвинителството најави дека ќе го поднесе обвинението.