Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани … Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците, велат од ,,Конзерватив.мк”
На Фејсбук-профилот на платформата ,,Кознерватив.мк”, меѓу другото, може да се забележат објави од пред неколку месеци во кои ја повикуваат Владата да го отфрли францускиот предлог и се дава поддршка на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ на 5 јули
Платформа именувана како ,,Конзерватив.мк” вечерва на својот фејсбук-профил објави дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведеното лице за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија повеќе средни училишта во главниот град, но дека тој е неправедно уапсен.
„Во моментов, нашиот член Никола Николовски, како во најцрните денови од комунизмот, со над десет службеници е приведен повеќе од четири часа, поради сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училиштата во Скопје. Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани“,
пишува во фејсбук-статусот на Конзерватив.мк.
Името Никола Николовски се совпаѓа со иницијалите на приведениот Н.Н. наведени во соопштението на Министерството на внатрешни работи (МВР), но засега не може да се потврди веродостојноста на наводите од платформата ,,Конзерватив.мк”.
МВР претходно соопшти дека скопјанец со иницијали Н.Н. е приведен поради сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје, но не даде информација за возраста на уапсениот.
Од платформата ,,Конзерватив.мк” додаваат дека уапсениот Никола Николовски е општествено одговорен граѓанин, кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и кој, како што велат, со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот парламент.
„Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани. Стоп за репресијата и гушењето на слободната мисла! Поддршка за Никола“,
се додава во објавата на Фејсбук.
Во описот за работата на платформата ,,Конзерватив.мк”, објавена на нивната веб-страница, се наведува оти станува збор за движење чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и конзерватизмот како идеологија и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации.
На Фејсбук-профилот на платформата ,,Кознерватив.мк”, меѓу другото, може да се забележат објави од пред неколку месеци во кои ја повикуваат Владата да го отфрли францускиот предлог и се дава поддршка на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ на 5 јули.