„Денес Северна Македонија е во ситуација поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа едноставно не е коректно и не е фер кон држава која сака да стане дел од Европската Унија“, изјави денеска словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар која денеска ја пречека и имаше средба со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова
Словенија е иницијатор и дел од групата од 15 земји членки на Европската Унија (ЕУ) кои предлагаат отворање на одредени преговарачки поглавја со земјите кандидатки наместо со консензус да се одлучува со квалификувано мнозинство, рече словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар на заедничката прес-конференција со својата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова, која е во официјална посета на Словенија.

Пирц-Мусар ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање поврзано со иницијативата во Европската Унија – дел од одлуките да се носат со квалификувано мнозинство наместо со консензус.
Претходно таа во своето обраќање рече дека Словенија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, како и дека ќе продолжи активно да се залага за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
Според Пирц-Мусар, отворањето на одделните поглавја треба да се одвива со квалификувано мнозинство, додека конечната одлука за прием во Европската Унија и понатаму би се носела со консензус меѓу земјите членки, пренесе МИА.
Словенечката претседателка наведе дека досега повеќе пати кажала и оти ќе повтори и денеска дека на државите аспиранти им се наложува огромна работа и товар кога станува збор за приспособувањето на националното со законодавството на Европската Унија. Таа ова го кажа во контекст на можноста за забрзување на проширувањето на ЕУ и поголема ефикасност на процесот.
„Кога Словенија влезе во Европската Унија во 2004 година, требаше да усогласиме околу 80 000 страници од европското законодавство, а денес земјите кандидати мора да усогласат околу 95 000 страници. Истовремено, премалку се прашуваме што може да направи Европската Унија за процесот да биде побрз и поефикасен“,
рече Пирц-Мусар.
Според неа, сегашниот модел овозможува билатерални прашања и политички блокади да го попречуваат процесот на проширување.
„Денес Северна Македонија е во ситуација поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа едноставно не е коректно и не е фер кон држава која сака да стане дел од Европската Унија“,
рече словенечката претседателка.
Таа додаде дека Словенија и натаму ќе дејствува во рамките на групата земји кои се залагаат за квалификувано мнозинство при отворањето на поглавјата и изрази надеж дека Европската Унија ќе ја препознае потребата од поефикасен процес на проширување.
Пирц Мусар оцени дека европската интеграција на Западен Балкан е клучна за мирот и стабилноста во регионот, но и за стабилноста на самата Европска Унија.
„Европската Унија пред сѐ е мировен проект. Новите членки носат стабилност и мир во регионот. За Западен Балкан, членството во Европската Унија мора да биде единствениот вистински пат кон стабилност“,
рече таа.

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова во својот одговор на прашањето посочи дека на Балканот веќе постојат примери на регионална поддршка каква што постои меѓу скандинавските земји. Таа потсети на поддршката што Шведска, Финска и Норвешка им ја давале на балтичките држави во процесот на евроинтеграција и оцени дека сличен пример на Балканот е токму Словенија.
„Ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот и да го поддржиме, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека тоа е логично и природно“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа ја поздрави словенечката поддршка за македонските евроинтеграции и оцени дека регионалната солидарност е неопходна за побрз напредок на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
