Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговара, меѓу другото, на прашањето – нели е понижувачки и срамно за Обвинителството сето ова да се случува дури откако градоначалникот на Струга од редовите на ДУИ заврши на американска „црна листа“

360°: Ви се случи повеќе лица да завршат на т.н. американска „црна листа“ и за дел од нив потоа да се покаже дека предмети стоеле во фиока, па наеднаш Јавното обвинителство да се разработи и да гледаме обвиненија. До каде сте со евентуални постапки за тие лица?
Коцевски: Јас можам да зборувам за периодот откако бев именуван за државен јавен обвинител и сега во тој дел не е тоа само моја заслуга, тоа е заслуга на јавните обвинители што работат. Еве, на пример, за овие три и пол месеци, колку што сум јас државен обвинител, за градоначалникот на Општина Струга има поднесено четири обвиненија, а денеска е поднесено уште едно, петто обвинение за кривично дело несовесно работење во службата, така што од моите информации, има околу, не знам точна бројка, можеби пет-шест предмети во Основното јавно обвинителство Струга.
360°: Ова новото обвинение на што се однесува?
Коцевски: Несовесно работење во службата, се однесува на именување на директор од 2018 до 2022 година. Без разлика што се работи за обвинителен предлог, сепак станува збор за кривично дело и ова е петто обвинение за овој период од 3 и пол месеци, сега ќе почне судењето.
360°: Нели е понижувачки, нели е срамно за Обвинителството дури откако Рамиз Мерко заврши на американска „црна листа“ да се случи сето ова?

Коцевски: Видете, во однос на тој дел, за одредени кривични дела знаете дека се смени законот, а конкретно за кривичните дела од злоупотреба на службена положба и овластување и тие кривични дела беа главно во надлежност на Основнато јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, имајќи предвид дека повеќе се работеше за 353 став 5, а тоа беше јавни набавки… Меѓутоа, со измените на Кривичниот законик, во тој дел, казната сега се намали и тие кривични дела спаѓаат сега во надлежност на основните јавни обвинителства, според местото каде што е извршено кривичното дело. Можеби, во тој дел Јавното обвинителство сметало дека има доволно рок, имајќи предвид дека кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 беше најмалку 4 години, па имало сигурно и некое друго кривично дело, меѓутоа сега кога се скратија роковите, јавните обвинители се поажурни имајќи предвид што е можно да се спаси.