Најновиот пакет за помош содржи 30 мерки
Владата најверoјатно утре ќе даде „зелено светло“ за петтиот пакет економски мерки за помош на стопанството и граѓаните поради ковид пандемијата.
Денеска се прават последните консултации откако викендов им беше презентиран на претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во државава.
„При самиот крај сме и јас како претседател на Владата верувам дека утре ќе бидеме подготвени да ја усвоиме комплетната информација со мерките, да може да се соопштат и презентиарат и веднаш да влеземе во подготовка на правно формалните аспекти, законите, уредбите, одлуките за нивно спроведување“,
изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Најновиот пакет за помош содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните.
