Петтиот сет антикризни мерки ќе биде објавен најдоцна во првата недела од февруари, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој вели дека во моментов во тек се консултациите со стопанските комори и со сите засегнати страни, за да се донесат што поефикасни решенија.
„Во моментов разговараме, не се точно дизајнирани мерките. Има различни предлози, но во рамки на можностите и буџетските средства определени за ковид-програмата и, секако, по состаноците со стопанските комори, ќе излеземе и заеднички ќе ги презентираме“,
рече Бектеши.
Според него, досегашните пакет мерки ги дале очекуваните резултати и во делот на зголемување на ликвидноста на компаниите и во делот на зачувување на работните места. За најпогодените сектори, како туристичкиот и угостителскиот, додаде дека ќе има мерки, но како ќе изгледаат ќе треба прво да се причекаат сите предлози од стопанските комори.
За годинава министерот најави дека ќе се продолжи со доделување ваучери за одмор за работници со ниски примања кои ќе може да ги користат ваучерите во домашните туристички капацитети
Според Бектеши, ваучерите ќе изнесуваат по 12 000 денари по апликант, а јавниот повик ќе биде објавен во првата половина од годинава. Доделувањето на ваучерите ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Продолжуваме со мерката организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања по семејство не го надминуваат нето-износот од 30 000 денари. Ефектите од ваучерите лани, за време на пандемијата, дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети“,
рече Бектеши и додаде дека лани беа искористени над 65 000 ваучери.