Лидерите на политичките партии веруваат оти денеска ќе биде избран новиот претседател на Италија, по четирите неуспешни обиди за гласање кои започнаа во понеделникот
Италијанскиот парламент денеска, по петти пат, ќе се собере за да избере нов претседател, откако претходно имаше четири неуспешни обиди. Лидерите на политичките партии веруваат оти денеска ќе биде избран новиот претседател на Италија.
Премиерот Марио Драги сè уште е кандидат за претседател, но неговите шанси се избледени оваа недела бидејќи многу од пратениците не сакаат да го поддржат поради страв оти каква било промена на владата може да предизвика предвремени избори.
Лидерот на десничарската партија Лига, Матео Салвини, рече дека на партиите на левиот центар пред гласањето ќе им предложи неколку непартиски фигури кои имаат углед и на домашно и на меѓународно ниво, велејќи синоќа „Убеден сум дека утре ќе биде победнички ден“.
Поранешниот премиер Матео Ренци, кој ја предводи центристичката партија Италија вива, исто така рече дека очекува денеска да биде избран претседателот на државата.
Околу илјада члена на двата дома на парламентот – Претставничкиот дом и Сенатот – и претставници на регионите и автономните покраини почнаа да гласаат во понеделникот попладне за избор на наследник на Серџо Матарела.
Покрај Драги и Матарела, кандидати за претседател се Елизабета Белони, дипломат од кариера, која раководи со тајните служби и Сабино Касезе, 68-годишна поранешна судијка на Уставниот суд.
Меѓу можните кандидати се и поранешниот претседател на Долниот дом Пјер Фердинандо Казини, поранешниот премиер Џулијано Амато, претседателката на Сенатот Елизабет Казелати и министерката за правда Марта Картабија, која претходно претседаваше со Уставниот суд.