Министерот најави и дека ќе има средба со приватните специјализанти и додаде дека овие специјализации ќе се намалат за 50 отсто оваа година, а приоритет ќе им се даде на специјализациите што недостасуваат

Петте најдобри студенти што ќе завршат медицина на факултетите во Скопје, Тетово и Штип ќе имаат шанса веднаш да се вработат во јавното здравство, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
„Петте најдобри студенти кои завршиле медицина во Скопје, во Штип и во Битола, ќе им дадеме шанса веднаш да се вработат, пред ова да влезе во закон. Се надевам наскоро ќе биде и дел од законот. Оваа година почнуваме со пет, идната година, се надевам, по 10 студенти од сите медицински факултети“,
најави Таравари по средбата што денеска ја имаше со деканот на Медицинскиот факултет Светозар Антовиќ.
Студентите, како што рече Таравари, ќе може да се вработат во клиниките или болниците во Скопје, Тетово и Штип.
„Предност ќе имаат 10 специјализации, тие што ни недостасуваат за да понатаму студентите продолжат во истата насока“,
рече Таравари.
Министерот најави и дека ќе има средба со приватните специјализанти, информирајќи дека овие специјализации ќе се намалат за 50 отсто оваа година и приоритет ќе им се даде на специјализациите што недостасуваат.
„Пред сѐ, зборувавме за рационализација на специјализанти и специјалисти. Во државава има одредени специјалисти што се многу на број, а има такви кои се многу дефицитарни. Оваа година можеби ќе направиме мораториум на одредени специјализации, а предност ќе им се даде на патологија, онкологија, радиологија и анестезиологија, каде има недостиг“,
рече Таравари.
Деканот на Медицинскиот факултет рече дека покрај рационализацијата на специјализациите, ќе се направи и промена на законот, како се финансираат, за Медицинскиот факултет да не трпи штета.
Антовиќ рече дека интересот за студирање на Медицинскиот факултет во Скопје е огромен.
„Медицинскиот факултет е сѐ уште еден од факултетите каде сите квоти ги запишува во првиот уписен рок. Пред неколку дена е објавен конкурсот од страна на Универзитетот. Оваа година само за општа медицина ќе запишеме 200 студенти. Тоа што е новина е дека конечно ја акредитиравме програмата на англиски јазик. Ќе започнеме и со запишување на странски студенти кои ќе студираат на англиски јазик. Бројката за нив е исто така 200. Очекувам дека барем со педесетина ќе почнеме оваа година“,
изјави Антовиќ.
Големиот одлив на кадар, Антовиќ вели дека е глобален проблем.
„Тоа е европски миграционен проблем. Кога ќе ја погледнете Германија, сигурно не е неразвиена земја. Меѓутоа, од Германија сите доктори, горе – долу, бараат работа во земји што се поразвиени од неа. Со тој проблем тешко ќе се справиме, особено откако се либерализираат политикиве на странските земји за примање на нашите доктори, но, ние треба да работиме локално, да ги подобриме условите, пред сѐ за вработување на дипломираните студенти. Ние немаме проблем со студентите, не ни заминуваат студентите, ни заминуваат дипломираните доктори. Медицинскиот факултет има мали ингеренции за вработување на тие доктори, но, мислам дека заедно со Министерството за здравство сериозно ќе работиме на тие програми“,
додаде Антовиќ.
На новинарско прашање дали се размислува да им се дава некаков надоместок на студентите што по завршување на факултетот мора да посетуваат пракса за да добијат стручна лиценца, Антовиќ рече дека студентите досега неколку пати се обратиле до него со барање за таа пракса да се укине што според него не е неразумно решение.
„Мислам дека праксата по завршувањето трае шест месеци за да може да запишат приватна специјализација или да добијат државна. Меѓутоа, по добивање на лиценцата може да се вработат како општи доктори. Студентите неколку пати до сега се обраќале кон мене за таа пракса да се укине. Мислам дека тоа можеби и треба да се случи бидејќи тие и онака во шестата година имаат практична настава. Така да тоа не е неразумно барање од нивна страна и мислам дека може и за тоа да најдеме решение кое повторно е во надележност на министерството“,
одговори Антовиќ.