Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровка му порача на министерот Наќе Чулев дека како технички министер треба да биде свесен за сопствената лична и политичка одговорност и дека има обврска пред сите граѓани, а не само пред менторите во партијата.
Ваквата реакција од Петровска следува откако Чулев денеска на прес-конференција го обвини неговиот претходник, премиерот Оливер Спасовски, дека одобрил набавка на 3 000 чизми кои не исполнувале 4 критериуми за квалитет.
„За каква злоупотреба зборувате, господине Чулев?! Тогашниот министер Спасовски ја донел единствената можна и законска одлука, со што ги елиминирал сите непринципиелни и непрофесионални игри на МВР во односот кон економските оператори и го заштитил министерството и државата од ситуација во која ќе отплаќа милионски суми за казни поради незаконското работење на партиските војници на ДПМНЕ во МВР и воедно да го започне процесот на подигање на стандардот и подобрување на социоекономската положба на полициските службеници“,
вели Петровска.
Таа го повика да ја прифати поканата и за ТВ-дуел која била испратена до двајцата и јавно да ги отворат сите прашања кои се нејасни и да ги соочат аргументите.
Што тврди дополнителната заменик-министерка Петровска?

Постапката за набавката на чизмите, нагласува Петровска, била водена од поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски, кој издржува затворска казна за набавката на блиндираниот мерцедес, а со првостепена пресуда е осуден и за набавка на 300 возила во МВР. Во времето на Поповски било одлучено да се спроведе јавна набавка на 3 000 чизми во вредност од 15 милиони денари, се објавил оглас и се избрала најповолната од трите пристигнати понуди. Всушност, само сертификатот на избраната фирма ги исполнувал техничките спецификации.
„Потоа, согласно договорот, пред испорака на стоката, МВР го искористило правото да изврши дополнителна проверка на квалитетот со правење на анализа на случајно избран примерок во независна овластена институција за контрола на квалитетот. Таква анализа е направена во Макконтрол Скопје и утврдено е дека има одредени недостатоци во поглед на бараната техничка спецификација. Поради несогласување со наодите од анализата, фирмата на сопствен трошок направил нова анализа во независна лабораторија во Србија и согласно сертификатот од оваа лабораторија е констатирано дека постои само една ставка која отстапува за 7 проценти од техничката спецификација, што не влијае врз квалитетот на производот“, .
објаснува Петровска
Бидејќи во тој временски период, тврди таа, истекувал и рокот за испорака, како и важноста на банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот, не е продолжен ни рокот за испорака, ни важноста на гаранцијата.
За целото тоа време, фирмата ги чувала чизмите во магацин немајќи насоки од МВР дали ќе се раскине договорот или ќе се бара решение. Во февруари и март 2017, фирмата повторно се обратила до Министерството, но ниту добила одговор дали договорот ќе се раскине ниту МВР ги прифатило чизмите.
„Притоа, во целиот овој период Ѓоко Поповски е сѐ уште помошник министер за јавни набавки. Кое раководство молчело, господине Чулев? Партиските војници под чија диригентска палка, потфрлиле? Секако, не на Спасовски! Тогашниот министер Спасовски беше доведен во ситуација да изнајде разрешница на овој Гродиев јазол сплеткан од вашата партија“,
посочува Петровска.
Доведен во таква ситуација, Спасовски, вели таа, имал две можни опции: првата била да го раскине договорот и да плати судски трошоци, трошоците на понудувачот кон банката од која земал кредит во износ од 14, 8 милиони, трошоците за чување на 3000 рала чизми во некој изнајмен магацин и сите камати во износ од 2,6 милиони денари или втората – да го земе предвид сертификатот кој фирмата го доставила во кој пишува дека во целост ги исполнува бараните елементи од техничката спецификација на МВР, да изврши избор и покрај занемарливите недостатоци во поглед на квалитет, по 11 години да им обезбеди на полицајците чизми кои дотогаш сами си купувале облека за работа.
Што тврди министерот Чулев?

Министерот Наќе Чулев, пак, на прес-конференцијата, исто така посочи дека МВР го објавило огласот на почетокот на 2016 година, кога пристигнале три понуди, од кои е избрана „Пинко Кирил“ и во договорот со неа е утврден рок за испорака на чизмите од 60 дена. Меѓутоа, тој тврди дека договорот требало да се раскине бидејќи во него е наведено дека доколку не се испорачаат чизмите во договорениот рок, договорот се раскинува и се активира банкарската гаранција.
„Рокот за испорака не е испочитуван, ниту договорот не е раскинат, а не е активирана банкарската гаранција, туку постапката за испорака на чизмите продолжила во понатамошна фаза“,
рече Чулев.
Неговите тврдења се разликуваат и во однос на испитувањата на квалитетот во лабораториите. Чулев, за разлика од Петровска, рече дека и двете испитувања, од кои едното во странство, се направени на барање на стручните служби во МВР и во нив се констатира дека има отстапувања по четири критериуми односно параметри.
Чулев потенцираше дека МВР покрај тоа што имало обврска да го раскине договорот, да ја наплати банкарската гаранција, требало да спроведе нова постапка за јавна набавка за полициски чизми, а дополнително за компанијата требало, но не била ставена ниту негативна референца.
Според Чулев, тогашниот помошник министер му доставил информација на Спасовски за целата постапка во која биле наведени пропустите, по што ексминистерот за внатрешни работи сепак дал насока договорот да не биде раскинат и чизмите да бидат испорачани.
„Една година по истекот на законскиот рок во МВР се врши прием на чизми, а од страна на компанијата добавувач до МВР е доставена фактура. Одделот за финансиски прашања констатира дека не може да биде платена поради непостоење активен договор односно дека договорот е направен во претходната буџетска година. Потоа од страна на МВР е изготвен анекс на договорот, по кој е направена исплатата“,
рече Чулев, додавајќи дека целата постапка е грубо кршење на одредбите на Законот за јавни набавки.