Говорејќи во интервју за ТВ 21, ексминистерката и актуелна пратеничка оцени дека по серијата инциденти во Скопје никој не може каже дека се чувствува безбедно, а одговорноста за тоа ја посочи во претседателот на Владата зашто, како што рече, тој аминува нечија неспособност во Министерството за внатрешни работи
Се радувам на тужбата што е најавена и едвај чекам да ја видам, а потоа да се соочиме и на суд. Апсолутно имам аргументи за сè што сум напишала и за сè што денеска говорам и ќе говорам и во иднина. Ова е коментарот што пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, го даде во врска со тужбата која против неа ја најави премиерот Христијан Мицкоски откако таа го обвини дека ги одобрува криминалните престрелки во главниот град.
Говорејќи во интервју за ТВ 21, Петровска оцени дека по серијата инциденти во Скопје никој не може каже дека се чувствува безбедно, а одговорноста за тоа ја посочи во претседателот на Владата зашто, како што рече, тој аминува нечија неспособност во Министерството за внатрешни работи.
Додаде дека Мицкоски не може да се затскрива зад најавите за тужби или, пак, емотивно зад своето семејство зашто фокусот не е на семејството на премиерот, туку на два милиони граѓани кои имаат право на безбедност.
„Откако ВМРО-ДПМНЕ има своја структура раководна во МВР, а тоа не е само со изборот на Владата, туку и претходно со изборот на техничката влада на крајот на јануари годинава, кога не беше сменет само министерот туку и структурата и по вертикала и по хоризонтала, повеќе од стотина решенија беа распределени. Ова само ја покажува неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ да води едно од клучните министерства. Не е само убиството, се случи вооружен грабеж на една позната продавница во центарот на Скопје, на улица ‘Македонија’. претходниот ден се случи пукање, повторно во Скопје, претходно имавме пукање, престрелки, имавме убиства итн.“,
изјави Петровска во интервјуто за ТВ 21.
Ексминистерката и актуелна пратеничка се осврна и на убиството што вчера претпладне се случи кај Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Го оцени за симптоматично тоа што МВР не ги објавило иницијалите на двете уапсени лица ниту, пак, на третиот осомничен за случајот по кој полицијата и натаму трага.
„Дали МВР не ги соопштува иницијалите на уапсените ниту на тој по којшто се трага затоа што можеби тоа се луѓе кои се затвореници и кои наместо да бидат во затвор се на улица, а по кои МВР имало распишано потерница, но по повеќе од 30 дена не можеле да ги најдат. За жал, требаше да се случи убиство во центарот на Скопје за едниот од нив да биде приведен, а за другиот допрва да се организира акција за негово пронаоѓање“,
рече Петровска.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека ќе поднесе тужба против пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, по нејзината изјава оти тој ги одобрувал криминалните престрелки што се случуваат во главниот град. Мицкоски оцени дека не е првпат, а се сомнева дека е и последен, како Петровска му нанела удар нему, а со тоа и на неговото семејство на, како што рече, подмолен начин со многу лаги, измислици и конструкции.