Таа посочи дека нејзин став како министер за одбрана, но и како граѓанин, е дека корупцијата претставува безбедносно прашање бидејќи може да ја дестабилизира државата
Министерката за одбрана денеска изјави дека се работи на законски измени кои ќе треба да овозможат и во земјава без одлагање да бидат преземени мерки против лица кои ќе се најдат под санкции од САД или Европската Унија
Министерката за одбрана Славјанка Петровска не гледа задна намера во пораките што изминатите денови ги испрати амбасадорката на САД, Анџела Агелер, во врска со борбата против корупцијата во земјава, а кои дојдоа откако бизнисменот, универзитетски професор и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев беше ставен на „црната листа“ на САД поради, како што наведоа од Стејт департментот, вмешаност во значителна корупција.

Напротив, како што изјави денеска Петровска, „сите овие пораки одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме“.
Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“ во организација на Центарот на истражување и креирање политики и конзорциумот „СМАРТ Балкан“, министерката рече дека САД се наш стратешки партнер од самото осамостојување на државата и тоа не само во одбраната, каде што, според Петровска, имаме исклучително добра соработка.
„Сите ние сме сведоци низ какви премрежиња поминавме и во блиското и во подалечното минато, какви се одлуки моравме да донесеме кои што можеби на моменти беа тешки, беа политички предизвикувачки, меѓутоа сепак беа донесени за да можеме да ги оствариме нашите стратегиски цели. Во сите оние пораки кои ги слушавме вчера, но и во изминатите денови, и од амбасадорката и од претставниците на САД, јас не гледам задна намера, напротив, сметам дека тие одат само во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме“,
рече Петровска.
Таа посочи дека нејзин став како министерка за одбрана, но и како граѓанин, е дека корупцијата претставува безбедносно прашање бидејќи може да ја дестабилизира државата.
„Можеби не сум првоповикана да зборувам за корупцијата, меѓутоа како министерка за одбрана и пред се како граѓанин на оваа држава, како некој кој можеби малку време, но сепак сум била присутна во институциите во оваа држава, ќе кажам дека за мене корупцијата претставува безбедносно прашање затоа што ако немате контрола во тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого се ќе финансираат и во каков момент. Сега не зборувам за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на било каков начин“,
изјави Петровска.
Борбата против корупцијата не треба да биде декларативна, вели Петровска, додавајќи оти очекува поголема агилност од домашните институциите задолжени за спроведување на законот.
„Апсолутно треба да биде нешто што ќе го гледаме на терен и јас очекувам и сега, меѓутоа и во иднина институциите во нашата држава кои се задолжени за борба против корупцијата или кои се задолжени за спроведување на законот во тој дел, во иднина поагилно да реагираат затоа што секогаш кога ги добиваме ваквите изјави, меѓутоа и објавувањето на имиња на ‘црната листа’ на САД значи дека треба да направиме дополнителни проверки од страна на институциите како тие луѓе се нашле на тие листи“,
рече министерката за одбрана.
Во тој контекст таа посочи дека се работи на законски измени кои ќе треба да овозможат и во земјава без одлагање да бидат преземени мерки против лица кои ќе се најдат под санкции од САД или Европската Унија.
„Се работи и на измена на законодавството со кое што во иднина ќе можеме со лицата коишто ќе се најдат на црни листи или на било каков друг начин ќе претрпат санкции, дали тоа ќе биде од Европската Унија или од нашите стратешки партнери, ќе може веднаш и без одлагање да бидат преземени мерки и во Република Северна Македонија. Ова е само еден мал сегмент, меѓутоа навистина значаен ако навистина сакаме да се справиме со корупцијата“,
рече министерката за одбрана додавајќи дека конечна победа против корупцијата не постигнал никој, но оти тоа не значи дека треба да даваме изговори, туку да нудиме решенија и да покажеме активности.
Вистинското решение за борбата против корупцијата и за подобрување на состојбите во целото општество е интеграцијата на земјата во Европската Унија, посочи Петровска.
„Без разлика колку понекогаш е тешко да донесеме одредени одлуки верувајте дека европската интеграција на нашата државата, преминувањето на оваа точка во која во моментов стоиме е вистинското решение и за борбата против корупцијата и за подобрување на состојбите во целото општество. Само со мало приближување, а тоа го направивме со завршувањето на процесот на скринингот и одржувањето на првата меѓувладина конференција многу голема поддршка се отвори и ѝ се даде на Република Северна Македонија и во финансиска и во секаква смисла во делот на подобрување на процесите внатре во државата. Евроинтеграцијата не ја правиме заради големите земји, не го правиме заради тоа што тоа некој го бара од нас, туку тоа го правиме како резултат на поддршката што граѓаните на оваа држава ја даваат“,
подвлече министерката за одбрана.
Американската амбасадорка Анџела Агелер вчера на брифинг со неколкумина новинари посочи дека ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. Таа не откри детали за кои случаи конкретно станува збор. Сепак, рече дека не станува збор за изолиран случај.
Со конкретните санкции на Анѓушев и неговото семејство им е забрането да патуваат во САД, но не и на неговите бизниси да продолжат да функционираат во Америка. Агелер вели дека засега таа не знае дали има и можност Анѓушев да биде опфатен со санкции од некоја друга американска институција, како на пример, од Министерството за финансии. Но, не пропушти да потсети дека имало случаи кога едно лице било санкционирано од две различни американски институции.
Анѓушев, пак, ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.
Вчера попладне со писмен допис до медиумите се огласи и поранешниот премиер Зоран Заев во чиј мандат Анѓушев ја извршуваше функцијата вицепремиер за економски прашања.
Заев во јавното обраќање му изрази поддршка на Анѓушев за, како што наведува, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави. Тој во дописот додава и дека стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања во врска со која било тема, вклучително и основата за сомневањата кон Анѓушев.
Пред Анѓушев, на „црната листа“ на САД завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, потоа Ратка Куновска-Камчева и нејзиниот син Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и експремиерот Никола Груевски и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на листата на санкционирани од страна на САД.