Во писмото до генералниот секретар на НАТО, министерката за одбрана ја потенцира блокадата во Собранието на предлог-законот за вработените во одбраната

Министерката за одбрана Славјанка Петровска со писмо го известила генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, дека има застој во тековните реформи во одбранбениот сектор во земјава, а како клучен проблем го истакнува неносењето на Предлог-законот за вработените во одбраната.
Во писмото, Петровска објаснува дека при дискусиите на Прегледот на способностите за одбранбено планирање за 2021/2022 г. и Нацрт-прегледот на способностите за одбранбено планирање за 2023/2024 г. еден од заклучоците во однос на напредокот на реформата во одбранбениот сектор бил реорганизацијата на Министерството за одбрана. За таа цел, подготвен е Предлог-законот за вработените во одбраната, текстот е одобрен од релевантни експерти на НАТО, синдикатите, академската заедница, министерствата, како и невладините организации. Владата го проследила до Собранието, но, како што се вели во писмото, таму законот е блокиран.
„Текстот на законот, без забелешки од Владата, беше проследен до Собранието за негово усвојување. Првата фаза помина успешно и кога требаше да се отвори суштинска дебата за Законот, како министерка, повикав на поднесување на конструктивни амандмани или забелешки со цел подобрување на Законот и замолив политичките партии во Собранието да не го користат овој закон за политички спогодувања. За жал, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи да го блокира донесувањето на овој Закон, на само два дена пред одржувањето на комисиската расправа, поднесе 1 500 несуштински амандмани со кои донесувањето на овој закон го направи невозможно“,
му пиша Петровска на Столтенберг.
Министерката е загрижена дека блокирањето на законот и оневозможувањето на суштинска дебата, може да предизвика загрозување на работните процеси во Одбрана, особено во делот на заштитата на критичната инфраструктура и информациската безбедност и сигурност, како и неможноста да се зајакне кадарот на професионален начин.
„Со ова писмо сакам да Ве известам дека не по вина на Министерството, настана одложување на овој круцијален закон за функционирањето на Министерството. Се надевам дека сите политички партии ќе дејствуваат одговорно и ја повикав опозицијата да ја сфати својата грешка и да ги повлече овие штетни амандмани“,
заклучува Петровска во писмото.
Кон крајот на јануари, министерката Петровска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 истакна дека разликата во платите меѓу вработените во Министерството за одбрана како административни службеници и оние што се вработени според Законот за служба во Армијата е речиси двојна. Таа е на став дека овој дисбаланс треба да се намали со усвојување на Предлог-законот за вработените во Министерството за одбрана, кој е во собраниска процедура.
„На пример, раководителите на сектори, ако се цивилни односно административни службеници, земаат колку што е просечната плата во администрација, за тој ранг, околу 40 илјади денари. Ако на истата позиција е поставено воено лице кое има чин полковник, платата е околу 76 илјади денари“,
кажа Петровска во гостувањето на „360 степени“.

Според неа, со овој закон се засегнати околу 400 вработени и нивните семејства.