„И како што многумина претставници на ЕУ и амбасадори на земји членки на ЕУ кажаа за уставните измени, не постои друг начин. Мислам дека останува на домашните актери на политичката сцена во нашата држава, да ја донесат финалната одлука“, вели Петровска

Единствениот начин за продолжување на патот кон Европската Унија се уставните измени, а со тоа дополнително ќе се зацврсти македонскиот идентитет, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„И како што многумина претставници на ЕУ и амбасадори на земји членки на ЕУ кажаа, не постои друг начин. Мислам дека останува на домашните актери на политичката сцена во нашата држава, да ја донесат финалната одлука“,
изјави Петровска во вечерашното интервју за „24 инфо“.
Според Петровска, ако ВМРО-ДПМНЕ се плаши од уставните измени, тоа треба јавно да го каже.
„Јас не се плашам. Со донесувањето на уставните измени или овој амандман кој е предложен се гарантира и се зацврстува македонскиот идентитет. Со тој амандман ние велиме дека ги признаваме Бугарите како малцинство во Република Северна Македонија, а македонскиот народ, се разбира со другите, е државотворен народ. Тука се прави јасна разлика меѓу она што долги години се зборуваше како една од теориите за нас и за нашата држава“,
додава таа.
Со донесувањето на уставните измени, вели Петровска се гарантира и се зацврстува македонскиот јазик кој, како што рече, се повеќе се употребува и се повеќе држави го уважуваат како јазик.
„Така да сите оние теории на заговор кои ВМРО-ДПМНЕ ги презентира бегајќи од одговорноста да донесе одлука паѓаат во вода. И на крајот, јас би рекла еве ако гласа за уставните измени ќе го прифатиме барањето нека нема техничка Влада и да одиме на избори во редовен термин“,
додаде Петровска.
Според Петровска многу е важно за што ќе се зборува пред граѓаните, но исто така многу е важно и нивното однесување и пред и зад камера.
„Многу е важно дали во периодот што претстои, вклучително и во изборната кампања, ќе зборуваме за програмите за развој на државата или ќе се враќаме, како што тоа се случува изминатиов период на некои стари приказни, на непотребно кревање на квазинационализмот. Република Македонија и власта и Владата имаат обврска да го кренат стандардот на граѓаните, да ги подобрат условите за живот на овие граѓани. Затоа впрочем ние изминатиот период, ги носевме и ќе ги носиме сите тие пакети антикризни мерки за поддршка и на граѓаните но и на општеството“,
рече Петровска.
За обидите за влијанија од трети земји во Северна Македонија, Петровска порача дека овие обиди се препознаени и тие ја губат својата сила за што, како што рече, се заслужни членовите на безбедносно – разузнавачката заедница кои своите активности успешно ги координираат со сојузниците во НАТО.
Петровска во интервјуто подвлече дека тие трети држави не и мислат добро на државата и оти не престануваат со своите влијанија.
„Тие трети држави, кои не и мислат добро на Република Северна Македонија, не престануваат со своите влијанија. Но, она што е добро, е што како институција и како држава ги препознаваме таквите влијанија кои ги нарекуваме штетни или малициозни. Сега за сега успешно се справуваме со нив, што значи дека институциите одговараат на тие предизвици. Тоа значи дека имаме добра координација во безбедносно-разузнавачката заедница и внатре во државата и се разбира и со нашите партнери и во рамки на НАТО Алијансата. Влијанието, како што реков постои, но добро е што тоа се намалува, пред сè поради активностите што ги преземаме и така ќе продолжиме и во наредниот период“,
рече министерката за одбрана.
Многу е важно, додаде Петровска, оние процеси кои се започнати во државата и кои значат напредок на државата, да продолжат во тој правец.
„Јас сум свесна и јавноста е свесна дека особено Руската Федерација не сака да ја види Република Северна Македонија како земја членка на ЕУ. Меѓутоа, останува на нас, прогресивните сили во државата, тој пат кон ЕУ на нашата држава да го обезбедиме во иднина“,
вели Петровска.
Во однос на поддршката за Украина во своето право да се одбрани, министерката порача дека Северна Македонија останува отворена за оваа поддршка да продолжи и во иднина.
„Република Северна Македонија е непоколеблива во однос на поддршката и помошта што и ја пружаме на Украина. Неодамна заврши обуката, која првпат откако започна руската агресија, имавме можност да спроведеме таква обука на припадници на украинската армија овде, во Република Северна Македонија. Таа заврши успешно и беше димензионирана согласно побарувањата што беа доставени од украинска страна. Се разбира, и во наредниот период вратата на Република Северна Македонија ќе остане отворена за поддршка на Украина, сè додека е тоа потребно, без разлика дали ќе биде во повторни тренинзи и обука на украински сили или со дополнителна воена поддршка и помош која ја имаме“,
рече Петровска.