Новата влада на Петер Маѓар со уставните измени го демонтира системот на Орбан, го отвори судењето на векот за велепредавство против Сијарто и го започна распадот на Фидес
Виктор Орбан, барем така мислел, однапред се подготвувал ако случајно ја изгуби власта. Многу клучни високи функции во унгарската држава и администрација неговата влада со години однапред ги пополнила со лојални приврзаници, а нивната смена била поврзана со одлука на парламентот донесена исклучиво со двотретинско мнозинство. Орбан со тоа сакал одредени институции да ги направи своја трајна оставштина, со јасна матемнатика, работата на секоја друга идна влада да биде максимално саботирана, додека тој од позадина би продолжил да ги влече конците дури и кога повеќе нема да биде на чело на владата, пишува во деталната политичка анализа на германскиот јавен сервис Deutsche Welle.
Тоа на што автократот, сменет на изборите на 12 април, не сметал е катастрофалниот пораз на неговата партија Фидес и историски високата двотретинска повеќекратна поддршка за опозициската партија Тиса. Со тоа мнозинство новата влада на премиерот Петер Маѓар сега забрзано го демонтираат системот на Орбан, процес кој Маѓар го нарекува „Операција Чистилиште“
Најважниот дел од операцијата е спроведен во понеделникот навечер (13 јули 2026 година), само два месеца по преземањето на власта, кога унгарскиот парламент ги изгласа опсежните промени на Уставот предложени кон крајот на јуни. Со овие измени, важни функционери на системот на Орбан се присилени да ги напуштат своите функции, меѓу кои претседателот на државата Тамаш Сулјок и четири судии на Уставниот суд. Петер Маѓар уште во изборната кампања Сулјок и претседателот на Уставниот суд, Петер Полт, повеќепати ги нарекуваше „марионети на Орбан“ и најавуваше нивна смена.

Од друга страна, уставните промени ги поништуваат ограничувањата кои Орбан ги воведе. Уставниот суд повторно ги добива своите изворни oвластувања, се зајакнува независноста на правосудството, се намалува бројот на закони кои можат да се менуваат само со двотретинско мнозинство, се основа тело за поврат на незаконски стекнат имот, а пратениците отсега ќе смеат да ја извршуваат својата должност најмногу во три последователни мандати.
Маѓар ги отфрли сите приговори на уставните промени, велејќи дека се спротивно од тоа би било „предавство на унгарската нација“. Според него, уставот бил „основен документ на Cosa Nostra“ – мафијашкиот систем што го воспоставил Фидес укажувајќи дека во изминатите 15 години Орбан го прилагодувал Уставот за своите потреби, до детали за кои уставните експерти сметаат дека воопшто немаат место во темелниот акт на една држава.
Токму денеска претседателот на Унгарија, Тамаш Сулјок, ги потпиша измените на унгарскиот Устав кои беа иницирани и протуркани од владата на премиерот Петер Маѓар и неговата партија ТИСА.
Уставните измени содржат одредба според која „надлежностите на актуелниот претседател на републиката престануваат, а парламентот избира нов шеф на државата во рок од 30 дена“ од стапувањето на документот во сила.
Претседателот денеска, во видео објавено на социјалните мрежи истакна дека по стапувањето во сила на измените, претседателската функција ќе стане потчинета на извршната власт и на политиката, нејзината јавноправна улога ќе избледи, основните функции ќе престанат да постојат и таа повеќе нема да ја исполнува улогата на контрола и рамнотежа на власта.
Судење на векот и истрага за велепредавство против Петер Сијарто
Премиерот Петер Маѓар удира и во самото срце на моќта на поранешниот унгарски владетел преку спроведување истраги и кривични пријави против врвни функционери и кадри на поранешниот режим, пишува Jutarnji list. Обрачот силно се стега околу најблискиот соработник на Орбан и долгогодишен министер за надворешни работи, Петер Сијарто (на функција од 2014 до 2026 година). Владата на Маѓар покрена кривична истрага за врските на Сијарто со Русија и Кина поради сериозни сомненија за велепредавство сторено на тој начин што поранешниот прв дипломат на Орбан им пренесувал важни политички информации на Русите и тоа лично на Сергеј Лавров и на Владимир Путин.
Скандалот пукна во март оваа година, за време на изборната кампања, кога се откри дека Сијарто одржувал редовни контакти со Лавров во периодот од 2023 до 2025 година, при што Москва го користела Сијарто за да дојде до чувствителни и доверливи информации за односите внатре во Европската Унија, за тоа какви позиции има секоја од земјите членки кога станува збор за Русија и односот кон војната во Украина.
Според унгарските медиуми и официјалните наводи од унгарското обвинителство, деталите од истрагата откриваат дека Сијарто ја известувал Москва во реално време, преку „директна линија“ практично веднаш по состаноците или дури и за време на паузите. Тој пренесувал клучни детали за доверливите разговори на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се воделе зад затворени врати во Брисел. Најважните информации што биле споделувани со Кремљ се однесувале на плановите за засилување на економските и политичките санкции против режимот на Путин, конкретната политичка и воена помош за Украина, како и стратешките прашања за европската безбедност. Истрагата исто така потенцира дека Сијарто пренесувал разузнавачки податоци за проблемите и несогласувањата кои Европската Унија ги имала со новата американска администрација на Доналд Трамп.

Една од најсериозните ставки во истражниот материјал се однесува директно на процесот на евроинтеграциите на Украина. Според документираните докази, Сијарто лично му ветил на Лавров дека Унгарија ќе го искористи својот максимум за целосно да ги „минира“ преговорите на Украина за пристапување во ЕУ, а притоа се обврзал на руската страна да ѝ ги достави сите интерни документи од европските консултации поврзани со ова прашање.
Покрај стратешките информации, истрагата документира дека Сијарто му правел и „ситни“ услуги на Лавров за кои унгарските истражители нашле прецизни докази. Имено, на директна молба на Лавров, Сијарто со политичка асистенција на Словачка успеал да издејствува укинување на санкциите на ЕУ против Гулбахор Исмаилова. Исмаилова е сестра на Алишер Усманов, еден од најблиските олигарси на Путин и клучни финансиери на руската војна против Украина. Според унгарскиот Кривичен закон, на Сијарто му се заканува доживотен затвор доколку на судењето му се докажат сите овие инкриминации. Сите обвинувања не го дискредитираат само него, туку „раката на правдата“ опасно се приближува и до самиот Орбан, кој моментално се наоѓа во САД.
Корпоративен азил: Кинескиот штит во фабриката „BYD“
Работите изгледаат како меѓународен шпионски трилер кога ќе се види каде Сијарто побара спас, пишува Јутарњи Лист во анализата. Поранешниот министер не најде засолниште во некое зафрлено елитно предградие на Москва како паднатите средноазиски деспоти, туку најде профитабилна директорска позиција во најголемата кинеска автомобилска компанија BYD (Build Your Dreams). Кина веднаш му фрли појас за спасување. Сијарто поднесе оставка од местото пратеник на Фидес во парламентот и стана еден од водечките менаџери на BYD, лоциран на своето ново работно место во округот Пингшан во Шенжен, јужнокинеската провинција Гуангдонг, каде ќе биде одговорен за надворешни односи и развој на нови пазари.
Сијарто во истрагата е обвинет дека лобирал токму за BYD, која во јужна Унгарија ја гради својата прва европска фабрика, што медиумите го толкуваат како услуга за завршената работа. Дури и рускиот режимски портал Правда.ру наведува дека ова назначување е „мито“ за услугите што ѝ ги пружил на компанијата додека бил на јавна функција, каде лично водел 224 рунди преговори и координирал распределба на милијарди форинти субвенции од унгарскиот буџет.
Фабриката на BYD во унгарскиот град Сегедин веќе се најде под лупа поради обвинувања за кршење на работничките права на кинеските мигранти, како што претходно пишуваше угледниот магазин Форбс, но планот е до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година таа да работи во полн капацитет и да достигне производство од 200 илјади автомобили годишно. Руските прорежимски медиуми, како Комсомослска правда, коментираат дека со овој потег Кина му пружила заштита на Сијарто од кривичен прогон, испраќајќи порака до Будимпешта да го остави на мир, додека руските аналитичари прекорно пишуваат дека Кина не ги остава своите сојузници на цедило, прашувајќи се што во вакви ситуации прави Москва.
Сепак, евентуалното судење за Сијарто би можело да биде разорна бомба која би ја здрмала целата унгарска политичка и бизнис сцена, бидејќи тој во текот на 12-те години власт знаел за сите економски и политички тајни на моќните поединци во државата. Сега со нестрпливост се очекува дали новата унгарска влада ќе покрене постапка за екстрадиција и ќе го стави на црвената потерница на Интерпол.
Распадот во таборот на Фидес и критики од невладините организации
Како што известува Дојче веле, пратениците на Фидес ја бојкотираа парламентарната сесија на која се гласаа уставните измени и одбија да учествуваат во гласањето, говорејќи дека станува збор за „крај на демократијата и на правната држава во Унгарија“. Сепак, на нивниот протест во Будимпешта се одзваа едвај неколку илјади луѓе, за разлика од поранешните собири на кои доаѓаа стотици илјади граѓани, но под притисок на државниот апарат.
Веќе јасно се појавуваат знаците на распад во таборот на Орбан. Непосредно пред гласањето, оставка поднесе шефот на пратеничкиот клуб на Фидес, Гергељ Гуљаш, некогаш трет човек во хиерархијата на Орбан, изјавувајќи дека повеќе не е способен да го води клубот. Самиот Виктор Орбан, кој по изборниот пораз се откажа од пратеничкиот мандат но остана претседател на Фидес, во меѓувреме замина за САД за да го следи Светското првенство во фудбал. Многу независни набљудувачи и аналитичкиот портал Телекс сметаат дека со ова поранешниот премиер ги остави на цедило своите приврзаници и самиот се турка на политичката маргина, ставајќи крај на долги години креираниот мит.

И покрај желбата на граѓаните за радикален пресврт, дел од унгарските правници и организации за граѓански права изразуваат загриженост поради брзината на уставните измени. Унгарскиот Хелсиншки Комитет и Организацијата за граѓански слободи (ТАСЗ) го критикуваат ограничувањето на пратеничките мандати, а ТАСЗ забележува и што не се изменети уставните одредби насочени против сексуалните и етничките малцинства.
Јавноста е поделена и околу кампањата против претседателот Сулјок. Тој е исклучително непопуларен и упорно молчеше за проблематичните потези на режимот на Орбан, па многумина сметаат дека неговата оставка е морално оправдана. Сепак, меѓународните организации како Амнести Интернешнл јавно предупредуваат дека Маѓар не смее да ги користи истите автократски методи како Орбан, односно да спроведува уставни измени кои се кројат директно за елиминација на конкретни поединци.
Сулјок сега има рок од пет дена да ги потпише уставните измени и со тоа да замине од должноста, во спротивно владата ќе покрене постапка за негово отповикување, при што претседателката на парламентот Агнес Форстхофер автоматски би ја преземала функцијата претседател на државата за да ги потпише измените. Премиерот Петер Маѓар најави дека овие уставни измени се само привремено транзициско решение, а веќе од есен планира да започне опсежна јавна дебата за донесување на целосно нов Устав на Унгарија
