Според него, Владата со предлогот за измените во Законот за работни односи смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40 до 60 часа како редовно работно време, плус 12 часа можеби да се платат како прекувремена работа
Сојузот на синдикати ќе ја оспори писмената согласност со која градежните работници доброволно би прифатиле да работат повеќе од 40 часа неделно на изградбата на коридорите 8 и 10-д бидејќи таа е неуставна, посочува претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
„Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи, нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно со каква било согласност сама по себе. Таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности, изјави или што и да потпишат работниците. Невозможно е повеќе од 50 часа неделно да се работи во секторот градежништво бидејќи она што го гледавме во минатото, тоа се повредени работници, паднати работници од скелиња, загинати на самите автопатишта, тоа се повторно ќе кажам работни места со висок степен на ризик каде што луѓето се изнемоштени и за осум часа, а не пак за прекувремени часови“,
потенцира Пешевски.
Според него, Владата со предлогот за измените во Законот за работни односи смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40 до 60 часа како редовно работно време, плус 12 часа можеби да се платат како прекувремена работа.
„И да биде трагедијата уште поголема, за новиот закон за работни односи преговараме повеќе од пет години и никогаш ни на Економско-социјалниот совет ни во работните групи не беше споменато дека може да има ваква брза измена. Повторно како Сојуз на синдикати на Македонија и Синдикат за градежништво ќе бидеме принудени да ги оспоруваме тие членови пред Уставниот суд каде што веруваме дека повторно Уставниот суд ќе ги донесе истите заклучоци, истите одредби, истите одлуки, бидејќи навистина е невозможно во еден сектор со сите работни места кои сами по себе се со висок степен на ризик и луѓето се изложени на надворешни влијанија 24/7 во текот на неделата, да работат по толку часови за сметка за некакви си средства. Тие средства однапред не можеме да ги видиме бидејќи станува збор за увезени работници. Значи ние финансираме проекти со домашни средства, а тие средства од прекувремени часови, плати или сами по себе компанијата ќе ги наплати, дали е тоа Америка или Турција итн, повторно нема никаков дел од колачот да видат ниту домашните компании, ниту домашните работници“,
посочува Пешевски.
Според предложените измени во Законот за работни односи, работниците кои ќе работат на изградбата на автопатите ќе потпишуваат работни договори според кои сами ќе одлучуваат дали ќе работат дополнителни часови кои ќе им бидат платени, но не се одредува горната граница за нив.
Владата предложи пет закони поврзани со проектот да се донесат по скратена постапка, односно со европско знаменце за, како што велат, побрза и поевтина изградба на автопатите. Се работи за Законот за работни односи, законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација и специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Претходно опозицијата ги блокира измените на осумте закони поврзани со проектот за автопатите. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за четири години и седум месеци.