Од здобиените повреди пешакот починал на самото место, а 20-годишникот откако првично избегал, еден час по несреќата сам се пријавил во кумановската болница, каде што му биле констатирани телесни повреди и му била укажана лекарска помош
Педесет и четири годишниот Г. С., жител на кумановското село Пчиња, починал по удар од возило на автопатот Скопје – Куманово. До несреќата, како што велат од МВР, дошло откако 20-годишникот Џ. И. од Скопје, со живеалиште во Швајцарија, со возило „ауди“ удрил во пешакот на излезот од Скопје кон Куманово. По ударот, 20-годишникот го оставил возилото и го напуштил местото.
„На 18.08.2023 во 20:43 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје-Куманово, на излез од Скопје, Џ.И.(20) од Скопје, со живеалиште во Швајцарија, управувајќи патничко возило „ауди“ со швајцарска национална ознака, удрил во пешакот Г.С.(54) од селото Пчиња, Кумановско, по што го оставил возилото и го напуштил местото“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од здобиените повреди, пешакот Г. С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.
Од МВР велат дека еден час по несреќата, околу 21:40 часот, Џ. И. сам се јавил во Општата болница во Куманово, каде што му биле констатирани телесни повреди и му била укажана лекарска помош.
Увид на местото на несреќата, додаваат од МВР, извршила екипа од СВР Скопје.