Кина наведува дека нејзиниот арсенал е помал од оној на САД и Русија и дека е подготвена за дијалог, но само доколку Вашингтон ги намали своите нуклеарни резерви на кинеско ниво
Кина најверојатно ќе има залихи од 1 500 нуклеарни боеви глави до 2035 година, доколку продолжи со сегашното темпо на нуклеарен развој, се вели во извештајот објавен од Пентагон, а во кој се истакнува постојаното подобрување на кинеската авијација.
Во извештајот, кој првенствено ги опфаќа активностите во 2021 година, се наведува дека Кина во моментов има повеќе од 400 боеви глави во своите нуклеарен залихи.
„Ако Кина продолжи да ги зголемува своите нуклеарни залихи со оваа брзина, најверојатно ќе има залихи од околу 1 500 боеви глави до 2035 година“,
се вели во извештајот на Пентагон.
Кина наведува дека нејзиниот арсенал е помал од оној на САД и Русија и дека е подготвена за дијалог, но само доколку Вашингтон ги намали своите нуклеарни резерви на кинеско ниво.
Бројката ја нагласува зголемената загриженост во САД за намерите на Кина да го прошири својот нуклеарен арсенал, иако прогнозите не покажуваат забрзување на и онака брзиот развој на боеви глави во Кина.
САД имаат залихи од околу 3 700 нуклеарни боеви глави, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Кинескиот лидер Си Ѓинпинг за време на Конгресот на Комунистичката партија во октомври сигнализираше дека Кина ќе го зајакне своето стратешко одвраќање, термин кој често се користи за опишување на нуклеарно оружје.